Османи: Поради партиски цели е создаден пропагандистички наратив за уставните измени

Министерот за надворешни работи Бујар Османи верува дека никој нема да се осмели да ја стави државата во изолација во моментот кога ќе треба да се гласа за уставните измени.

- Мислам дека комуникациите на земјите членки, на сериозни партнери кои даваат гаранција за кредибилноста на процесот, кои стануваат штит на нашите интереси во Европа, ќе ја убедат јавноста и политичките партии и никој нема да се осмели да ја стави државата во изолација во наредните 10 години кога се јавува забрзана патека на регионот. Ќе биде многу тешко да се стисне црвеното копче, да се изолира државата за ова прашање да се решава некаде 2033 година во многу неповолни услови кога младите си заминале и ќе треба истото прашање да го решиме можеби и полошо, изјави денеска Османи одговарајќи на новинарски прашања.

Оцени дека поради партиски цели е создаден пропагандистички наратив за уставните измени.

-Партиите го злоупотребуваат стравот на граѓаните поради партиски цели, не поради интерес на државата. Немаат ниту еден аргумент зошто се против, затоа инсистирам довербата да почне што побрзо затоа што сакам да ги видам да дебатираат и да видам дали ќе дадат вистински аргументи, да одговорат зошто Македонците би биле загрозени ако во Уставот се спомнуваат, тие што веќе се спомнати, рече Османи, додавајќи дека и Бугарија не помогнала многу во создавање на атмосфера на доверба.

Верува дека полека ќе се разбира целата пропаганда околу уставните измени кога граѓаните сами ќе прочитаат и ќе се уверат дека нема простор за страв.

-Во категоријата други се сите заедници кои се спомнати што значи овие уставни измени подразбираат само потврдување на тоа што веќе стои имплицитно. Мислам дека полека ќе се разбие целата таа пропаганда околу уставните измени кога граѓаните ќе прочитаат сами и ќе увидат дека нема на ниту еден начин да бидат загрозени интересите на државата, рече Османи.

27.03.2023 - 17:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега