Одобрено е повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана, извести МСМЈЛК при УКИМ
Од новата академска 2023/2024 година ќе може повторно да функционира Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана. Заедничките заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, за остварување на иницијативата за повторно отворање лекторат, дадоа конкретни резултати. Со официјален допис упатен до Македонското друштво „Илинден“ преку неговиот претседател, Никола Ѓурѓај, Деканатот на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, претставен од деканката, проф. д-р Есмералда Кромида, даде позитивен одговор на барањето за повторно отворање на Лекторатот.
Иницијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана беше отпочната во декември минатата година, кога беше остварен работен состанок меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на „Илинден“, Никола Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана. По заложбите на МСМЈЛК при УКИМ и остварените дипломатски залагања, остварувањето на иницијативатата се засили во мај годинава кога во Тирана беше остварен работен состанок меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Н.Е. Данчо Марковски. Состанокот во целост беше посветен на перспективите на македонистиката, а следеше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги имаше остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот.
На состанокот во мај годинава, во дискусиите се согледа дека прифаќањето на оваа иницијатива е со взаемна подготвеност не само за повторно отпочнување настава по македонски јазик, туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што како што напоменува, може да резултира со брз развој на Лекторатот и постепено да се создаваат услови на Факултетот за странски јазици во Тирана да има и посебен студиум по македонистика.
По одржаниот работен состанок, МСМЈЛК при УКИМ ја подготви севкупната документација која му беше потребна на Факултетот за странски јазици во Тирана, вклучително и настанавните програми по македонски јазик, за да може иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик да се оствари. Набргу потоа, следи ова, официјално известување од Факултетот во кое е нагласено дека од институционален – универзитетски и факултетски аспект, по остварената комуникација со МСМЈЛК при УКИМ и по добивањето на сите материјали подготвени од МСМЈЛК при УКИМ, остварени се сите потребни чекори. Во официјалниот допис со одговорот на барањето потпишан од деканката Есмералда Кромида се наведува дека Факултетот во својата дејност позитивно го оценува вклучувањето на јазиците од регионот, вклучувајќи го и македонскиот јазик.
Со ова се остварува една од клучните, стратегиски цели на МСМЈЛК при УКИМ за оваа, 2023 година. Претходно, МСМЈЛК при УКИМ, на Факултетот за странски јазици во Тирана и му подари повеќе изданија – учебници и зборници со предавања и научни трудови за македонскиот јазик, литература и култура, со кои веќе почна да се оформува македонистички дел во фондот на факултетската библиотека, достапен за сите студенти и професори на Факултетот. Со целосна посветеност, веќе се создаваат сите услови за непречено одвивање настава и забрзан развој на Лекторатот, кој ќе може да започне по спроведување на постапка за избор на лектор.
Интересот за изучување на македонскиот јазик во Тирана е голем, како кај македонското малцинство, така и воопшто во албанското општество, меѓу новите генерации филолози. Лекторатот по македонски јазик ќе биде клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.
Во својата објава за добиениот официјален допис, Македонското друштво „Илинден“ од Тирана ги истакнува залагањата и поддршката од УКИМ и МСМЈЛК при УКИМ за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик, во комуникација и соработка со колегите од тиранскиот Факултет за странски јазици.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа