Одлагање нема: Грција ќе инсистира на почитување на роковите за пасошите и регистерските таблички

 

Договорот од Преспа е меѓународен договор, има сила над сите законски одредби и не може еднострано да се менува од никоја од двете страни, порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, како во синоќешното интервју за грчката телевизија „Антена“, така и од Парламентот утрово, одговарајќи на пратеничко прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија посочи дека Нова демократија навремено излезе со ставови за Договорот од Преспа за точките кои тие ги сметале за проблематични, но истакна дека сега, не може да се модифицира, а Грција го следи доследното и строго почитување.

-Континуирано имам истакнато дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот Парламент и како што налага Уставот, овој Договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните. Нова демократија навремено ги изнесе позициите во однос на оние точки кои беа проблематични во Договорот од Преспа. Навремено посочи дека ќе постојат прашања и во имплементирањето. Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој Договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување, истакна Герапетритис од Парламентот одговарајќи на пратеничко прашање.

Во однос на обврската за промена на пасошите и регистарските таблици на возилата до 12 февруари, шефот на грчката дипломатија посочи дека постојат јасни одредби и временски рокови кои мора да се почитуваат.

Додаде дека Министерството за надворешни работи ќе биде строго во однос на предвиденото од Договорот од Преспа и Грција ќе инсистира на верно почитување на обврските кои произлегуваат.

За трите меморандуми со Северна Македонија кои сè уште не се донесени за ратификација во грчкиот Парламентот, Герапетритис рече дека „апсолутно зависат од верното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа“.

31.01.2024 - 10:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега