Обвинението одобрено: Ќе му се суди на Васил кој ја усмрти младата Фросина
Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт против Васил Јованов кој на пешачки премин кај Силбо, на Партизанска, ја прегази и усмрти младата модна дизајнерка Фросина Кулакова кон крајот на Јануари годинава.
- „Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека Советот за оценка на обвинителниот акт, ГО ОДОБРИ обвинението на Основното јавно обвинителство со КО бр. 271/25 од 27.03.2025 година против осомничениот В.Ј. за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.2 в.в. со чл. 297 ст.1 од КЗ, поврзан со сообраќајката од јануари 2025 – та година на булеварот Партизански одреди во Скопје во која животот го загуби 22 – годишната Ф.К. Со одобрениот обвинителен акт, формиран е кривичен предмет со К.бр. 780/25 кој ќе биде ќе биде распределен на понатамошно судење согласно АКМИС – системот, а кога ќе биде насрочен термина за главна расправа, странките и јавноста ќе бидат дополнително известени“, велат од Кривичен суд.
Обвинителството поднесе обвинение во кое го гони Јованов за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот.
„Согласно доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот “Партизански одреди” и улицата “29-ти Ноември“ продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место“, стои во обвинението.
Фросина Кулакова, 22-годишна млада дизајнерка од Неготино, ја зави цела Македонија во црно, а беа организирани и многу протести.
Јавноста се сеќава на неа и кога пред 12 години, како десетгодишно девојче, се појави во видеозаписот за песната ,,Божиќ за секој од нас”, заедно со нејзината сестра Росица која, пак, со Димитар ја претставуваше Македонија на детскиот „Евросонг“ во 2007 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа