Обезбеден бесплатен превоз до скијачките центри „Нижеполе“ и „Копанки“
Општина Битола во соработка со јавните претпријатија „Стрежево“, „ЕСМ Молика“ и меѓуопштинското претпријатие за превоз „Пелалинк“ како и компанијата за превоз „МИГ Травел“, денеска ја реализира првата тура со бесплатен превоз до скијачките центри „Нижеполе“ и „Копанки“.
Посета на скијачкиот центар „Копанки“ оствари градоначалникот Тони Коњановски каде беше информиран дека првиот ден го искористиле стотина битолчани.
-Драго ми е што граѓаните се задоволни што го искористија организираниот бесплатен превоз и ја поздравија иницијативата на Општина Битола, за можноста битолчани да уживаат во убавините на планината. Денеска посебен превоз беше обезбеден и за членовите од граѓанските здруженија за лица со попреченост. Реакциите на посетителите беа позитивни, со предлог да се продолжи со ваквите активности од страна на општината и во иднина, истакна Коњановски.
Бесплатниот автобуски превоз за ски центрите „Нижополе“ и „Копанки“ ќе се врши секој ден до 17 јануари со две автобуски линии, а патниците може да ги користат обележаните автобуски стојалишта во населбата „Карпош“, ракометно игралиште, Симпо, Ат пазар, Болница, Бела чешма, улица „Ружа Делчева“, Шехерезада, Орбис, месноста „Црн мост“, Веро и автобуско стојалиште во населба „Довлеџик“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа