Новинарите на протест: Обезбедете услови за работа без притисок, заплашување и цензура

 

Со залепени усни и транспаренти против цензура, по пресудата која го осуди новинарите на ИРЛ и заклучи дека не се новинари, медиумските работници, денес пред судот побараа да им се обезбедат основни услови за работа. Новинарите, камерманите и фоторепортерите сметаат дека пресудата е чин на заплашување и обид да се контролираат медиумите.

„За да се избегне ваква ситуација во иднина со девалвирање и омаловажување на интегритетот на новинарите кои држат до професионалните новинарски стандарди се надеваме дека ќе направите чекор за подобрување на состојбата во која се наоѓа судството и ќе обезбедите соодветни и најважно – правични услови за работа на новинарите и снимателите без притисок, заплашување и цензура“, порачаа новинарите.

Едногласни се во ставот дека ваквата пресуда нема да ги замолчи туку ќе ги направи посилни во борбата.

Протестот го поддржаа Самостојниот синдикат на новинари и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). ЗНМ веќе поднесе претставка до Судскиот совет во која бара да се утврди одговорноста на судијката Јованка Спировска-Панева оти без објаснување ги исклучи новинарите од судницата за да ги соочи главната уредничка на ИРЛ Сашка Цветковска и Кочо Анѓушев.

ИРЛ беа осудени за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата „БРАКО“ за емисијата „Заговор против воздухот“.

17.11.2023 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега