Нови промени за фотоволтаици: Ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата на 10 kW

 


Ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата или потрошувачите-производители на 10 kW и ќе се скрати рокот за издавање дозволи за инсталација на кровни фотоволтаици. Прв пат во законската регулатива се предлага воведување законски рок за административната постапка за издавање дозволи за поставување кровни фотоволтаици за потрошувач – производител. Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) ги објави на ener.gov.mk

Како што информира Министерството, рокот од еден месец ќе се однесува на постапката за издавање дозвола за поставување соларна опрема со капацитет до 100 kW, како и за потрошувач-производител на обновлива енергија и за заедници на обновлива енергија. Со измените потрошувачите-производители добија повисоки прагови за своите електрани и тоа за домаќинствата лимитот е до 10 kW, а компаниите – 70 kW.

-Со предлог измените се поедноставува и постапка за приклучување на електродистрибутивната мрежа на потрошувач-производител кој користи ОИЕ. Доколку при анализа на условите за приклучување се утврди дека не е можно приклучување на предложената локација, операторот на електродистрибутивниот систем е должен во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето за приклучок, писмено да го извести барателот и да му предложи алтернативна точка за приклучување, врз основа на технички и безбедносни причини или некомпатибилност на компонентите на системот. Операторот на електродистрибутивниот систем е должен да го приклучи енергетскиот објект на електродистрибутивната мрежа во рок од еден месец од официјалното потврдување на комплетноста на поднесената документација. Доколку операторот на електродистрибутивниот систем не се произнесе во рокот од мрежните правила се смета дека согласноста за приклучување е дадена, наведува МЕРМС.

Според Министерството, со предложеното законско решение се прави решителен чекор кон енергетска независност и интеграција на обновливите извори на енергија, намалување на потрошувачката на енергија, емисиите на јаглерод диоксид, азотни оксиди (NOx), неметански јаглеводороди и честички, а се врши и усогласување со ЕУ стандардите.

-Пакетот мерки истовремено ја јакне енергетската ефикасност и создава стабилна рамка за обновливите извори на енергија со директни економски и еколошки придобивки за граѓаните и бизнисите. Документот е изработен по принципот енергетска ефикасност на прво место и со него се отвора јасен и практичен пат за побрза транзиција до почиста животна средина без да се загрози стабилноста на системот, истакнува МЕРМС.

Министерството предлага и 20-годишна стратегија за реновирање на станбени, јавни и комерцијални згради со енергетски ефикасни решенија. Владата, на предлог на МЕРМС донесува и долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради, со која овие градби и станбени и деловни објекти ќе ги трансформира во високо енергетски ефикасни објекти со речиси нулта потрошувачка, со можност за широка интеграција на обновливи извори на енергија (ОИЕ), како што се соларните системи.

-Со имплеметација на ОИЕ ќе се намалуваат стакленичките гасови и се штити животната средина и се постигнува и климатската неутралност. Тројно ќе се зголеми и заштедата во јавниот сектор, односно МЕРМС во соработка со Службата за општи и заеднички работи при Владата подготвува и предлог план за реконструкција на згради кои се користат во јавниот сектор, и тоа со реконструкција на најмалку 3% од корисната подна површина на зградите годишната заштеда на енергија се зголемува од 1% на 3%. Ова се однесува на објекти со вкупна корисна подна површина над 250 квадратни метри кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики, а кои се користат од страна на лицата од јавниот сектор на државно ниво. Инсталацијата на соларни колектори за топла вода во новите јавни објекти или при значајна реконструкција на објекти станува задолжителна, доколку е технички и економски изводливо, подвлекува Министерството.

МЕРМС воспоставува и финансиски механизми, јавни повици и едношалтерски систем за поддршка на проекти за енергетска ефикасност и ОИЕ, овозможувајќи инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии, како механизми за постигнување на целите на Стратегијата за реконструкција.

-Јавниот сектор се обврзува да набавува производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди, вклучувајќи сертификати за енергетски карактеристики, промовирајќи технологии со низок јаглероден отпечаток. Измените влијаат и креирање можност за меѓуопштинска соработка за локален развој во општини со помалку од 15.000 жители. Тие можат да формираат заеднички тела за програми за енергетска ефикасност, и со усвојување на програма за енергетска ефикасност ќе добијат пристап и до Фондот за енергетска ефикасност, наведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. 

06.08.2025 - 14:39

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега