Нов ласерски систем за спречување нелегална употреба на оружје

 


Со воведувањето нов систем за управување со деактивирано огнено оружје, овозможено преку донацијата од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ќе се спречи злоупотребата на оружје и ќе се подобри безбедноста во Северна Македонија.

Машината за ласерско означување оружје, која е поставена во Министерството за внатрешни работи, ќе означува деактивирано огнено оружје на специјализиран и траен начин. Ова оружје ќе биде систематски заведено со што ќе се подобри можноста за негово следење. Дополнително, заедно со процесот на означување ќе бидат воведени и сертификати за деактивирање, опремени со заштитни карактеристики со цел да се спречи фалсификување.

„Ја поддржавме борбата против злоупотребата на мало и лесно оружје преку разни активности затоа што веруваме дека ова е ефикасен начин да се зголеми нивото на безбедност на македонските граѓани“, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП. „Со набавката на оваа ласерска машина за маркирање оружје и со претходно инсталираниот микроскоп за анализа на траги од пукање, значително ги зајакнавме техничките капацитети на МВР за поефикасно справување, но и превенирање на нелегалната употреба на огнено оружје “.

Заедничките интервенции на УНДП и Мисијата на ОБСЕ во Скопје ѝ помагаат на земјата да ги исполни своите обврски во спроведувањето на прописите за означување увезено и деактивирано огнено оружје како и за исполнување на меѓународните стандарди и стандардите на Европската Унија за управување со мало и лесно оружје.

„Денешната донација ќе му овозможи на Министерството за внатрешни работи да издава сертификати за деактивирање усогласени со меѓународните стандарди и ефективно да ја зајакне контролата на оружје“, изјави амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Ова има позитивен ефект не само на животите на луѓето во земјата, но и во остатокот од Европа, бидејќи оружјето кое потекнува од овој регион беше често користено во злосторства па дури и терористички напади на друго место“.

Донацијата на УНДП е финансирана од владите на Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка преку Повеќепартнерскиот фонд за спроведување на Патоказот за контрола на МЛО во земјите на Западен Балкан, поддржан од Европската Унија.

Донацијата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје е финансирана од Белгија, Европската Унија, Франција, Германија, Норвешка, Словачка и Соединетите Американски Држави.

18.03.2024 - 10:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега