Новите вработувања и инвестициите дел од темите на средбата Груевски - Голдстејн

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска оствари средба со Елен Голдстејн, регионален директор на Светска банка за Југоисточна Европа.

Од владината прес-служба соопштуваат дека соговорниците на средбата се осврнале на одбележувањето на 20 години од соработката и воспоставувањето на активен однос со Светската банка, при што од двете страни беше констатирано позитивното искуство и плодотворноста која се согледува во проектите кои се реализираат.

Премиерот Груевски се заблагодарил за досегашната поддршка и посочи дека во Светската банка гледаат добар партнер со кого во последните осум години се работи на исполнување на крупни проекти од различни сфери кои се во функција на напредокот на економијата и унапредувањето на економските односи.

На средбата се разговарало и за изработката на новата стратегија на Светска банка, како и можноста за реализација на повеќе проекти кои би биле дел од оваа стратегија, за кои Владата е заинтересирана и работи за нивно остварување.

Премиерот Груевски истакнал дека Владата на Република Македонија е фокусирана кон реализација на значајни инфраструктурни проекти кои ќе го стимулираат развојот на економијата и ќе обезбедат дополнителен број на вработувања.

 Во таа насока се и проектот за реализација на новите автопатишта, изградба на железничката пруга кон Бугарија, процесот на гасификација на Република Македонија и други. Соговорниците се осврнаа и на повеќе други проекти од сферата на енергетиката, земјоделието и инвестирањето во системите за наводнување и изградбата на регионални патишта.

Груевски и  Голдстејн разговарале и за остварувањето на економскиот раст, како и напорите кои ги прави Владата за да го помогне истиот, и да се одржи на високо ниво со цел да биде во функција на економскиот напредок и подобрување на стандардот на граѓаните.

Соговорниците изразиле надеж за продолжување на одличната соработка, и низ партнерски однос да се работи на реализацијата на проекти кои ќе бидат од интерес за граѓаните и стимулирање на економскиот развој.

За време на средбата Голдстејн изразила задоволство од постигнатото во изминатиот период, како и тоа дека Македонија се покажа како активен партнер во реализацијата на повеќе проекти.

23.06.2014 - 19:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега