Поради неплатени долгови четири винарски визби избришани од регистарот на откупувачи
Четири винарски визби се избришани од регистарот на откупувачи во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради неплатено грозје во законски предвидениот рок, соопшти денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.
Коњановски потенцира дека нема да биде поштеден ниту еден субјект доколку не ги испочитува законските обврски.
- Во интерес на заштита на правата на лозарите го донесовме Законот за лозарство и винарство каде точно се определени казните за оние кои нема докрај да ги испочитуваат договорите. Нема да се толерира никој, тоа најодговорно го тврдам. Секој што нема да го подмири долгот кон лозарите во определениот временски период, ќе се соочи со санкции, подвлече Коњановски, одговорајќи на новинарски прашања по денешната посета на Неготино.