Орав: Во ЕУ не се зборува за блокади и вето - многу можеме да направиме до јуни

 

 

Денеска, евроамасадорот Аиво Орав изрази оптимизам за претстојниот состанок на Советот на ЕУ, на кој ќе се одлучува дали Македонија ќе добие датум за преговори.

- Ние во Европската унија не зборуваме за блокади, ниту за вето, ние зборуваме за консензус. Постигнувањето на консензус е важно за секоја земја. Ни преостанува уште еден месец пред состанокот на Советот на Европската унија и мислам дека се уште можеме да направиме многу. Навистина се надевам дека ќе се постигне  консензус на крајот на јуни, што ќе биде задоволителен и за вашата земја и за 27 земји членки на ЕУ, рече Орав во Штип.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав, вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и амбасадорите на Холандија, Италија, Словачка, Франција и Грција денеска во Штип имаа средба со градоначалникот Илчо Захариев и го посетија едношалтерскиот систем, проект реализиран со средства од ЕУ.

Амабсадорот Орав истакна дека денеска делегацијата е пристигната со информативниот автобус на ЕУ, во рамките на славењето на Денот на Европа. Исто така беше презентиран и пилот проектот за обука на механичари за машина за шиење во Штип, а во рамките на проектот „ЕУ развива образовна програма за возрасни“.

Делегацијата предводена од амбасадорот Орав ја посети и конфекцијата „Лабод МАК“, каде се спроведува проектот „Механичар за машина за шиење“, а во чии рамки се обучија десет вработени како да ги сервисираат машините за шиење. Програмата ја спроведе и ја изработи фирмата Поли проект инжинеринг од Штип. Учесниците имаа 300 часови обука, од кои дел се спроведуваа во две штипски конфекции, а во проектот учествуваа и експерти од Франција.

Делегацијата на ЕУ ги посети и модната конфекција „Алабтрос“ чиј сопственик е почесниот конзул на Естонија во Македонија Сашо Миладинов и винаријата „Езимит“, чиј сопственик е почесниот конзул на Летонија во Македонија, Зоран Митревски.

најчитано сега