Моторциклистите ќе возат низ Охрид во рамки акцијата за поголема безбедност

 

Денеска напладне во Охрид ќе се одржи ревијално возење на моторциклистите во Макеоднија, во рамки на акцијата за поголема безбедност. 

Возењето моторцикли низ охридските сообраќајници, што ќе почне од градскиот плоштад, според СВР Охрид, треба да ја покаже заложбата на членовите на моторциклистичките клубови и здруженија за безбедно и внимателно управување моторцикл, почитување на сообраќајните правила и прописи и задолжително користење заштитни шлемови.

Демонстрирањето безбедно возење моторцикл со практично и целосно почитување на сообраќајните правила и прописи е порака за сите учесници во сообраќајот и повик за целосно придржување до сите сообраќајни правила и прописи.

Во рамки на воспитно-едукативната акција, деновиве во СВР Охрид се одржа заедничка едукативна средба со повеќе моторциклисти.

- Нив им беше поделен едукативен материјал што денеска треба да го поделат на сите присутни моторциклисти. Ревијалното возење моторцикли низ сообраќајниците на Охрид, ќе се реализира со присуство на мотопатролите на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, соопшти СВР Охрид.

Акцијата „Недела за безбедност на моторциклистите во Република Македонија“ е заеднички проект на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

22.06.2014 - 10:51
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега