Попоски на министерски состанок во Брисел

 

На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Кетрин Ештон, шефот на македонската дипломатија Никола Попоски учествуваше на годишниот традиционален состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати, кој се одржа на 27 мај 2013 година во Брисел.

Од МНР информираат дека главна тема на состанокот била стабилноста во соседството на ЕУ, со фокус на последните случувања во јужното соседство на ЕУ, како и на перспективите за натамошно продлабочување на односите и соработката на ЕУ со земјите од источното соседство.

 Најголем дел од дискусиите, информираат од Министерствотото, биле фокусирани на последниот развој на настаните во Сирија, при што беа разменети мислења за активностите и напорите на Европската унија и нејзините партнери САД и Русија за постигнување политичко решение на кризата, согласно Женевското коминике.

-Министрите разговараа и за односите на ЕУ со земјите опфатени со политиката на Источното Партнерство. Беа разгледани перспективите за натамошно продлабочување на соработката во повеќе области, во насока на остварување на целите на политиката на Источното партнерство, првенствено за забрзување на реформите, зајакнување на демократските процеси, унапредување на економската интеграција и усогласувањето со европското законодавство. Беа претставени подготовките за одржување на следниот самит со земјите од Источното соседство, кој треба да се одржи во ноември оваа година во Вилнус, Литванија, сто иво соопштението на МНР.

Министерот Попоски ја изразил поддршката на Македонија кон визијата на меѓународната заедница за политичко решение на кризата во Сирија и ги поздравил повиците за одржување на меѓународна мировна конференција за Сирија. Тој исто така информирал за учеството на Македонија во неформалната Работна група “Пријатели на сирискиот народ“.

Осврнувајќи се на соработката на Македонија со земјите опфатени со политиката на Источното Партнерство на ЕУ, Попоски ја истакнал подготвеноста за поактивно вклучување во имплементацијата на инструментите на оваа успешна политика на Унијата, што би било од взаемна корист. Искуствата и научените лекции од хармонизацијата со европските стандарди на земјите-кандидати се особено релевантни и вредни за источните партнери.

 ФОТО: Денешен

најчитано сега