Оние кои им доставиле податоци на матичните лекари за електронска здравствена нема потреба да доаѓаат во Фондот

 

Oсигурениците, односно пензионерите кои веќе ги доставиле податоците до матичните лекари за издавање електронска здравствена картичка нема потреба да доаѓаат во подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување и повторно да поднесуваат барање.  Такво нешто никогаш не сме побарале ниту од матичните лекари, ниту Фондот за здравствено осигурување издал таква наредба. Матичните лекари не треба да ги препраќаат пациентите во службите на ФЗОМ кои веќе поднеле барање преку нив за издавање ЕЗК.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров кој заедно со директорот на ФЗОМ, Јован Грповски ја посети  Подрачната служба Скопје на ФЗОМ со цел да се запознаат со процесот на работење на Фондот, а посебно во делот на издавањето на електронските здравствени картички.

- Значи ова сакам јасно да биде пренесено до сите оние кои се уште немаат поднесено барање до Фондот, а имаат веќе поднесено барање до матичниот лекар. Тоа е валидно поднесено барање. Тука настанаа определени недоразбирање би рекол кои се резултат на крајниот рок кој го дадовме за доставување на податоците за вадење на ЕЗК, кој е до 30 јуни. Тој рок останува. ФЗОМ и МЗ преку компанијата која ја работи ЕЗК ќе ги исперсонализира овие податоци, рече Тодоров и додаде дека пензионерите кои поднеле барање до матичните лекари нема потреба да доаѓаат во Фондот и сите барања од матичните лекари кои се стигнати во Фондот, не се загубени, и се веќе дадени во продукција. 

- Разговарав со некои пензионери тука и ме известија дека и покрај тоа што поднеле барање преку матичниот лекар тој повторно ги препратил да дојдат во Фондот. Тоа не е исправно, тоа е грешка на матичниот лекар. Ние денеска уште еднаш ќе ги потсетиме сите матични лекари и јавно и писмено дека не треба да ги препраќаат пациентите кои веќе поднеле барање преку нив за издавање ЕЗК. Тоа во најголема мерка го направи проблемот, рече Тодоров.

Сите пензионери, посочи министерот, кои имаат над 70 години ќе имаат можност да се јават на бесплатниот телефон на Фондот 0800 33222 и ако немаат доставено документи за ЕКЗ да побараат документацијата за ЕЗК да им биде преземена од нивните домови.

- Тоа значи дека ФЗОМ и Министерството за здравство ќе ја нудат оваа услуга на сите пензионери кои имаат над 70 години и лица кои се изнемоштени или се во лоша здравствена состојба да можат да се јават на овој телефон и ние ќе дојдеме во нивните домови да ги пополниме заедно формуларите за добивање ЕЗК со цел тие да не треба да доаѓаат до ФЗОМ и непотребно да се изложуваат на чекање, истакна Тодоров и додаде дека тоа се однесува за оние граѓани кои податоците не ги доставиле на матичниот лекар.

Доколку, како што рече, податоците се доставени до матичниот лекар или до некоја од подрачните единици на ФЗОМ нема потреба да се јавуваат, процедурата ќе биде завршена во рамки на оние податоци кои се доставени.

Тодоров нагласи дека покрај Подрачна служба Скопје на ФЗОМ, работат и уште три подрачни единици - во Драчево, Ѓорче Петров и Чаир и граѓаните можат и таму да ги поднесат барањата.

- Покрај ова од ФЗОМ направија напори во соработка и со Здравствениот дом Скопје да се отворат дополнителни четири подрачни единици кои ќе бидат отворени од среда и ќе работат до 1 јули, односно до моментот на истекот на рокот за поднесување на барањата за ЕЗК. Тие ќе бидат сместени во здравствените домови во Ченто, Идадија, Букурешт и во поликлиниката „Јане Сандански“. Со Подрачната служба Скопје на ФЗОМ, тоа се осум пунктови на кои има повеќе шалтери. Само во Подрачната служба Скопје на ФЗОМ има пет шалтери на кои граѓаните ќе можат да поднесат барање за издавање на ЕЗК, потенцира Тодоров.

Укажа дека податоците им се неопходни да ги соберат за да можат да ги исперсонализираат ЕЗК, а бројот на персонализација месечно се движи од 120.000 до 150.000 картички.

- Не смееме да имаме период во кој ќе нема да имаме податоци собрано за персонализирање. Затоа го дадовме овој рок за комплетно да ја завршиме работата со собирање на податоците и потоа да ни остане само доперсонализирањето на остатокот од ЕЗК кои не се издадени. Досега се изработени околу 900.000 ЕЗК, 200.000 се во фаза на изработка. Поентата ни е до крајот на јуни да ги имаме собрано податоците за сите останати осигуреници во Македонија, тоа значи дополнително уште 700.000 до 800.000 податоци за издавање ЕЗК, рече Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање посочи дека оние кои нема да поднесат барање на издавање ЕЗК до 30 јуни ќе треба да дојдат лично во ФЗОМ и тука да си ги подигнат сините картони, а тогаш ќе мора да го пополнат и писменото барање за издавање на ЕЗК.

- Не треба да се чека крајниот рок и податоците за издавање ЕЗК треба да се достават многу порано. Доколку осигурениците не ја земат ЕЗК, од различни причини не поднесат барање за ЕЗК, а ние тргнеме ние со системот на тој начин прават проблем во функционирање на целиот систем. Мора да најдеме начин како сите во државата да имаат поднесено барање, а тоа е лична обврска на секој граѓанин, додаде министерот Тодоров. 

најчитано сега