Oбјавен Конкурсот за државната награда „Св. Климент Охридски“

 

Конкурсот за државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2014 година објавен е денеска на веб страницата на Министерството за култура.

Со државната награда “Св. Климент Охридски” се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Согласно одредбите од Конкурсот, државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани. Под условите определени во конкурсот таа може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство од јавен интерес за Република Македонија.

Паричниот износ на наградата изнесува десет просечни месечни плати во Република Македонија исплатени во последните три месеци во тековната година. Според пропозициите, иницијатива за нејзино доделување може да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани, со приложување подробно образложение.

Иницијативите треба да се достават на адреса на Министерството за култура на Република Македонија - Одбор за доделување на државната награда “Св. Климент Охридски”, ул.”Ѓуро Ѓаковиќ” бр. 61 - Скопје, Република Македонија.

Одлуката за наградата ја донесува Одборот за нејзино доделување, а традиционално се врачува на свеченост во Собранието на Република Македонија на 8 декември - Денот на Св. Климент Охридски. Минатогодишни добитници на ова високо државно признание беа проф. м-р Аџи Фида за остварување во областа на воспитанието и образованието, за остварување во областа на културата и уметноста доц. м-р Александра Мијалкова, примабалерина и за остварување во областа на здравството проф. д-р Никола Јанкуловски, дигестивен хирург и примариус д-р Коте Тосевски, специјалист ендодонт.

Текстот на конкурсот може да се најде на веб страната на Министерството за култура www.kultura.gov.mk 

31.05.2014 - 14:41
Фото: 
Денешен
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега