Нова поставка во Музејот на македонската борба - единствен од овој вид во регионот

 

Музејот на македонската борба за државност и самостојност  доби нова програмска содржина, атрактивна музејска поставка. Има специфично светло, специјално компонирана музика-звуци, а ангажирани се и актери, кои облечени во соодветни костими прикажуваат сегменти од нашата историја.

На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како и други министри и претставници од Владата.

- Ваквиот приказ ја надополнува сликата за нашата историја, следејќи ги новите трендови за прикажување на историјата, кои се практикуваат во светот. Од една страна се приближуваат до посетителите некои од многуте драматични моменти низ кои поминувал македонскиот народ, а од друга страна низ атрактивниот приказ го привлекува вниманието на туристите,  рече Груевски кој очекува дека новата поставка и новите фигури ќе ја зголемат заинтересираноста за овој Музеј кој со својата концепција е единствен од ваков вид во регионот. 

Да не си ја познаваш историјата и да го игнорираш минатото, е исто како да се откажеш од своето потекло, од својот корен. Република Македонија е релативно млада држава во чија понова историја ретко кога и каде се наоѓало интерес и волја за адекватна презентација на историските слоеви на државата. Денес повеќе не е така. Во изминатите неколку години преку изградба на нови музеи и културни установи изнајдовме можност и сили да пополниме повеќе празнини кои биле оставени во ова поле во изминатот период, потенцира премиерот.

Новата поставка, според Канческа-Милевска, може да се спореди со поставките на музејот Мадам Тисо во Лондон, во Амстрдам, Музејот на теророт во Будимпешта, Канадскиот воен музеј и Музејот на татковинската војна во Киев: - Поставката се протега на 300 метри квадратни. Преку нејзиниот провокативен, но и длабоко осмислен пристап посетителот може да проникне во најмачните сегменти, најгорливите премрежја низ кои поминувал македонскиот народ на патот кон создавањето на својата национална држава на Балканот, рече Канческа-Милевска.

Во подготовката на оваа поставка биле вклучени тим историчари, професорите Виолета Ачковска, Зоран Тодоровски и Никола Жежов. Визуелен креатор на поставката е Валентин Светозарев и неговите соработници. 

30.05.2014 - 16:15
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега