Каракамишева-Јовановска: СДСМ директно го повреди избирачкото право на гласачите
Штетните последици, но и комплетната демократска изопаченост на политиките кои ги презема раководството на СДСМ допрва ќе ги почувствуваме сите ние како граѓани, смета универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска.
-До каде ќе отидат состојбите на апсурдност од ваквата политика на СДСМ само можеме да претпоставиме, но има неколку битни поенти кои не смеат да бидат занемарени, и кои мора да се предочат и да се спречат во интерес на граѓаните во оваа земја. Првата, и можеби најважна работа за која мора итно да се најде решение е како да се заштитат избирачите во РМ од ваквите и слични форми на изборна манипулација која ја прават конкретни политички партии, од нивната дрскост да прават со волјата на граѓаните што сакаат, а притоа да не останат казнети за таквите постапки? Раководството на СДСМ со своите неразумни политички чекори и стратегии директно, инфлагранти го повреди избирачкото право на избирачите кои го дадоа својот глас за оваа политичка опција, но индиректно и на сите останати гласачи, вели Каракамишева-Јованоска за Курир.
Таа додава дека оовредата на избирачкото право не може да се санира со ниту еден законски механизам, во ниту една законска постапка, бидејќи избирачкото право во РМ согласно правните прописи се заштитува само за дејствија кои се случуваат во текот на изборниот процес: - Втората работа е како да се заштитат системот, институциите и, најважно, државата од ваквите неодговорни потези на оние кои, по дефиниција, треба да бидат политички најодговорните субјекти за развојот и просперитетот на земјата? Согласно одредбите од Изборниот законик, сите партии имаат право на надоместок на финансиските трошоци направени во текот на изборната кампања од буџетските средства во висина од 15 денари по глас, што значи дека СДСМ и покрај сопствената деструктивност, на партиската сметка ќе искешира повеќе од 70.000 евра буџетски пари, пари кои повторно доаѓаат од сите граѓани на РМ како даночни обврзници, смета професорката.
-И повторно не постојат никакви правни механизми за граѓанска заштита од ваквите политички и изборни манипулации. А да не зборуваме за мнозинската волја на граѓаните која е дадена да се штити стабилноста на земјата, да се формираат функционални и ефикасни институции, Македонија да напредува и да се развива како секоја нормална демократска земја, вели Каракамишева-Јовановска за Курир.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа