Иванов ги прими акредитивните писма на новите амбасадори од Финска, Латвија и Ирска

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Финска, Латвија и Ирска.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, посочи дека Македонија е подготвена веднаш да ја започне следната фаза во интеграцијата во Европската унија.

- За нас од особено значење беше споделувањето на финските искуства во различни области што беше реализирано во рамки на финската развојна помош и твининг проектите. Се надевам дека и во наредниот значаен период ќе можеме да сметаме на финската поддршка, нагласи Иванов.

Финскиот амбасадор му го честита реизборот на претседателот Иванов и истакна дека Финска ќе продолжи да биде силен поддржувач на политиката на проширување на ЕУ.

- Континуирано ги поддржуваме препораките на Европската комисија за почеток на преговори со Република Македонија. Финска има цврст став дека интеграцискиот процес треба да се заснова на заеднички усвоените објективни критериуми. Жалиме што билатералниот спор го попречи напредокот во случајот со вашата земја и ги повикуваме засегнатите страни да сторат секаков напор да се изнајде начин за придвижување напред без натамошно одложување, посочи Рајакангас.

На средбата со амбасадорот на Латвија Албертс Сарканис е изразено задоволство од досегашното ниво на односите меѓу двете земји и е посочено дека евроатланските интеграции се од клучно значење за Македонија.

- Би сакал да се заблагодарам за досегашната поддршка од Република Латвија на напорите на мојата земја за интегрирање во европските и евроатлантските структури. Очекувам ваквата поддршка да продолжи и во наредниот значаен период, во пресрет на состанок на Европскиот совет и претстојниот НАТО Самит, порача Иванов. 

Амбасадорот на Латвија истакна дека неговата држава  во зависност од можностите и позицијата силно ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ.

- Латвија ќе претседава со Советот на ЕУ од 1 јануари 2015 година. Очекуваме главните мотиви на претседателството – развој, вклученост и одржливост дека ќе бидат охрабрувачки и за Македонија, посочи Сарканис, заложувајќи се за развој и зајакнување на односите меѓу двете земји.

Амбасадорот Кор посочи дека Ирска ги цени постигнатите достигнувања на Република Македонија во изминатите години како и аспирациите за членство во ЕУ. - Ирска го споделува ставот на Европската Унија дека перспективите на европската интеграција се моќен сегмент во промоција на стабилноста во Македонија и поширокиот балкански регион, порача ирскиот амбасадор.

 

30.05.2014 - 13:43
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега