Четворица нови амбасадори во Македонија
Новоименуваните амбасадори на Република Полска Јацек Стефан Мултановски, на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Чарлс Едмонд Гарет, на Народна Република Кина, Вен Џеншун и на Република Албанија Петрит Бушати денеска ќе му ги предадат акредитивните писма на претседателот Ѓорге Иванов.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Иванов, Гарет доаѓа на местото на досегашниот британски амбасадор Кристофер Ивон кој воедно беше и доајен на дипломатскиот кор во земјава. Во британската дипломатија работи од 1987 година, а зад себе има искуство во британските претставништва во Хонг Конг, Никозија, Берн и Тајпеј.
Новиот амбасадор на Кина Џеншун кој го заменува досегашниот Цуи Живеи, е поранешен новинар. Магистрирал на Академијата за дипломатска политика во Виена, а зад себе има искуство во Директоратот на западно-европски работи во кинеското МНР, како и во амбасадите на неговата земја во Германија и во Луксембург. Во Скопје доаѓа од местото генерален конзул во Франкфурт.
Поранешен новинар ќе раководи и со Албаската амбасада во Скопје. Бушати, покрај 11-годишната новинарска кариера, зад себе има и дипломатско искуство во претставништвата на Албанија во Виена, Стокхолм и Вашингтон.
Акредитивите ќе ги предаде и новоименуваниот амбасадор на Република Полска Мултановски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа