Еве колку ќе платите за секој од сообраќајните прекршоци во Македонија

 

Учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат во согласност со прописите за правилата на сообраќајот, со сообраќајните знаци поставени на патот и со знаците и наредбите што ги даваат униформираните полициски службеници. Исто така учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат во согласност со сообраќајните знаци поставени на патот и кога со тоа отстапуваат од прописите за правилата на сообраќајот. Следува листа на поважните правила во сообраќајот и глобите кои следат за нивното непочитување.

Пропуштање пешаци на пешачки премин 

Кога приоѓа кон обележан пешачки премин, возачот е должен да управува со возилото со особена претпазливост и да вози со таква брзина што овозможува во случај на потреба да го запре возилото пред пешачкиот премин. Возачот е должен да го запре возилото пред обележан пешачки премин секогаш кога пешакот започнува да чекори по обележаниот пешачки премин. ( Во спротивно предвидена е глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност).

Сигурносен појас 

Возачот на моторно возило во кое се вградени сигурносни појаси и лицето кое се превезува со тоа возило, се должни да бидат врзани со тие појаси за време додека возилото се движи во сообраќајот на пат. (Во спротивно предвидена е глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност). 

Користење на мобилен телефон 

Возачот на моторно возило, за време на управувањето со возилото не смее да користи мобилен телефон, ниту други уреди на начин кој би ја намалил можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило. По исклучок, мобилен телефон и други уреди можат да се користат за време на управување со моторно возило, ако притоа се употребува направа која овозможува нивно користење без употреба на раце. ( Во спротивно предвидена е глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода). 

Намалена брзина на движење

Возачот не смее да ја намали брзината на движењето на возилото до таа мера што неговото возило претставува пречка за нормалното одвивање на сообраќајот.(Во спротивно предвидена е глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода). 

Зголемена брзина во населено место 

На јавен пат во населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од 60 километри/час, односно со брзина поголема од брзината дозволена со поставениот сообраќаен знак за целото населено место или за негов дел. Глоба во износ од: 

- 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 30 километри/час над дозволената брзина,

- 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 километри/час над дозволената брзина или

- 20 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода ако возачот се движи со брзина поголема до 10 километри/час над дозволената брзина.

Зголемена брзина надвор од населеното место 

На јавен пат надвор од населено место, возачот не смее со возилото да се движи со брзина поголема од:

- 130 километри/час на автопат;

- 110 километри/час на пат резервиран за сообраќај на моторни возила и

- 80 километри/час на други патишта

Предвидени глоби од:

- 300 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече на возач кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 50 километри/час над дозволената брзина, покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило од три до 12 месеца.

- 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој надвор од населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 километри/час над дозволената брзина,

- 20 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода доколку возачот се движи со брзина поголема до 30 километри/час над дозволената брзина.

Свртување 

Возачот на возило што свртува надесно, е должен свртувањето да го изврши движејќи се по крајната сообраќајна лента што се протега покрај десниот раб на коловозот, освен ако со сообраќаен знак на патот поинаку не е определено.Возачот на возилото што свртува налево е должен свртувањето да го изврши движејќи се по крајната лева сообраќајна лента што се протега покрај средишната линија и покрај замислениот или обележаниот лак што ги соединува двете средишни линии на страничните коловози. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода согласно со одредбите на овој закон, на возачот кој постапува спротивно на горенаведеното).

Првенство на минување

На крстосница на патишта од иста важност или во пресрет со друго возило, возачот е должен да го пропушти возилото што наидува од неговата десна страна. Возачот на возило кој на крстосница свртува налево, е должен да гопропушти возилото кое доаѓајќи од спротивната насока, на крстосницата го задржува правецот на своето движење или свртува надесно, освен ако со поставенот сообраќаен знак поинаку не е определено. Возачот кој со возило влегува на пат што со сообраќаен знак е означен како пат со првенство на минување, е должен да ги пропушти сите возила што се движат по тој пат. ( Во спротивно е предвидена глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност).

Сообраќај на крстосница 

Возачот кој се приближува до крстосница, е должен да вози со зголемена претпазливост која им одговара на условите на сообраќајот на крстосницата. Возачот кој се приближува до крстосница, е должен да вози со брзина која овозможува да запре и да ги пропушти возилата што на крстосницата имаат првенство на минување. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода).

На крстосница и на друго место на кое сообраќајот е посебно регулиран со уреди за давање светлосни сообраќајни знаци, при непочитување на истите е предвидена глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност, додека за пешаци глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност.

Разминување 

При разминување, возачот е должен од својата лева страна да остави доволно растојание помеѓу своето возило и возилото со кое се разминува, а по потреба своето возило да го помести кон десниот раб на коловозот. Ако возачот, заради некоја пречка на патот или заради другите учесници во сообраќајот, не може да постапи како претходно кажаното должен е да го забави движењето на своето возило и по потреба да го запре за да го пропушти возилото од спротивната насока. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 10 негативни бода.

На делот од јавен пат со голем надолжен наклон (планински и слично) на кој разминувањето на возилата е невозможно или е многу отежнато, возачот на возилото што се движи низ наклонот, е должен да го запре своето возило на погодно место, ако забележи дека по наклонот одоздола во пресретму доаѓа друго возило.(Во спротивно е предвидена глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода).

Престигнување и обиколување 

- Престигнување и обиколување возачот смее да врши само ако тоа не го попречува нормалното движење на возилата што доаѓаат од спротивната насока и ако на патот има доволно простор за безбедно изведување на тие дејствија. Возачот не смее да врши престигнување и обиколување, кога со тоа, со оглед на карактеристиките во сообраќајот и на постојните околности на патот и во сообраќајот или со оглед на техничките својства на возилото со кое управува, ги загрозува другите учесници во сообраќајот.(Во спротивно е предвидена глоба во износ од 250 евра во денарска противредност)

- По престигнувањето или обиколувањето на едно или повеќе возила, возачот е должен штом ќе биде можно, да го изврши тоа без попречување или загрозување на другите учесници во сообраќајот, со возилото повторно да завземе положба на сообраќајната лента во која се движел пред престигнувањето односно обиколувањето. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода)

- Возачот не смее да престигнува друго возило, освен велосипед, велосипед со мотор и мотоцикл без странична приколка, непосредно пред крстосница или непосредно пред и на премин на патот преку железничка или трамвајска пруга на ниво без браник или полубраник. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност).

- Возачот не смее да престигнува друго возило кое се приближува кон обележан пешачки премин, кое преминува пешачки премин или кое застанало заради пропуштање на пешаци на тој премин. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 480 евра во денарска противвредност ,на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило од три до 12 месеца).

Звучни и светлосни сигнали за предупредување 

- Возачот е должен да употреби звучен знак за предупредување кога тоа го бараат причините на безбедност на сообраќајот. Звучниот знак за предупредување не смее да се состои од низа тонови од различен интензитет при што возачот е должен давањето на звучен знак за предупредување да го сведе на неопходна мера. ( Во спротивно е предвидена глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат десет негативни бода) 

- Ноќе возачот по правило употребува светлосен знак за предупредување. Светлосниот знак за предупредување, возачот може да го употреби и во населено место при престигнување на друго возило.Светлосен знак за предупредување се дава со кратко палење на големите светла последователно, палење на соборените светла за осветлување на патот или со наизменично палење, во кратки интервали на големите и соборените светла, водејќи сметка со тоа да не се заслепуваат возачите кои доаѓаат од спротивната насока. ( Во спротивно предвидена е глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода) 

Запирање и паркирање 

Возачот не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. (Предвидена глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода) 

Употреба на светла во сообраќајот 

Во сообраќај на пат, дење и ноќе, за време на управување со возилото, возачот на возилото задолжително треба да ги има запалено најмалку соборените светла за осветлување на патот. ( Во спротивно е предвидена глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода ) 

Растојание помеѓу возилата 

Возачот е должен да го управува возилото на оддалеченост од другите возила што учествуваат во сообраќајот, која одговара на брзината на движењето на возилото и другите околности на сообраќајот, при што со таа оддалеченост од другите возила не предизвикува опасност и не ги попречува другите возачи.(Во спротивно е предвидена глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност , односно ќе му се регистрираат 20 негативни бода). 

Сообраќај на велосипеди, на велосипеди со помошен мотор 

Возачот на велосипед и на велосипед со помошен мотор, мопед е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека – по велосипедската патека односно лента. Ако двајца или повеќе возачи на велосипед и на велосипед со помошен мотор, мопед се движат во група се должни да се движат еден по друг. ( Во спротивно е предвидена глоба во износ од 25 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода) 

Движење на пешаци 

- Пешакот, по правило не смее да се движи и да се задржува на коловозот. Ако пешакот се движи по коловозот, тој задолжително треба да се движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 25 евра во денарска противвредност) 

-Пешакот што е со намера да премине преку коловозот на место каде што не постои обележан пешачки премин, не смее да стапи на коловозот ако со тоа го попречува сообраќајот на возилата. (Во спротивно е предвидена глоба во износ од 25 евра во денарска противвредност).

- На обележан пешачки премин на кој сообраќајот на пешаците е регулиран со светлосни сообраќајни знаци за пешаци, пешакот е должен да постапува според тие знаци. (Во спротивно е pредвидена е глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност). 

Обврска на возачите кон пешаците 

Ако сообраќајот на обележан пешачки премин е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци што ги дава униформиран полициски службеник, возачот е должен своето возило да го запре пред пешачкиот премин кога со дадениот знак му е забрането минување, а ако на таков премин со дадениот знак му е дозволено минување – возачот не смее да го попречува минувањето на пешаците кои веќе стапиле на пешачкиот премин.( Во спротивно е предвидена глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност). 

Управување со возила

- Со моторно возило во сообраќајот на патот може самостојно да управува само лице кое има важечка возачка дозвола, странска возачка дозвола или меѓународна возачка дозвола, во која е впишана категоријата односно поткатегоријата во која припаѓа моторното возило. ( Во спротивно е предвидена глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност за лицето кое управува возило без важечка дозвола) 

- Возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на опојни дроги или психотропни супстанци. (Предвидена глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност, покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило од три до 12 месеца). 

- Возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на алкохол и тоа со: 

»Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече, кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 0,51 г/кг. до 0,99 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три до шест месеци, под услови и начин утврдени со закон. 

»Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач , кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 1,00 г/кг до 1,49/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од шест до девет месеца под услови и начин утврдени со закон. 

»Глоба во износ од 350 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач , кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 1,50 г/кг до 1,99 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од девет до 12 месеца, под услови и начин утврдени со закон. 

»Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач , кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 2,00 г/кг и повеќе. Покрај утврдениот износ на глоба на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 12 месеца, под услови и начин утврдени со закон. 

»Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач , каде што при утврдување на алкохол во организмот одбие да биде алкотестиран со соодветно средство или апарат за мерење на алкохолизираноста (алкомер). Покрај утврденот износ на глобата, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 12 месеца, под услови и на начин утврдени со закон. 

Возач почетник 

- Возач – почетник кој поседува возачка дозвола од категориите ,,А”, ,,Б” и ,,Ц”, односно од поткатегориите ,,А1” и ,,Ц1”, не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 километри на час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 километри/час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 километри/час на автопат. Исто така , не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23 часот до 05 часот, освен ако со него во возилото се наоѓа лице –возач постаро од 25 години, на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило. ( Во спротивно предвидена е глоба во износ од 400 евра во денарска противв редност) 

Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач почетник ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност, односно кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 0,10 г/кг до 0,50 г/кг. Покрај утврдениот износ на глобата, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три месеца. 

Велосипедист 

Велосипед на пат може да управува лице кое наполнило 10 години возраст. (Во спротивно предвидена е глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност што ќе му се изрече на родителот односно старателот на лицето).

 

 

28.05.2014 - 11:18
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега