Уште две жртви во поплавите во БиХ

Уште две лица загинаа денеска во Босна и Херцеговина со што бројот на жртвите од водената стихија во земјата достигна три лица.

Едно лице загина откако при лизгање на земјиштето, предизвикано од поројните дождови, биле затрупани три семејни куќи и една џамија во општината Власеница во Република Српска.

- Во моментот на одронувањето на земјата во куќата се наоѓала една жена која настрадала, а нејзиното тело подоцна било извадено од под наносот, потврди директорот на полицијата Гојко Васиќ.

Во селото Мартинац кај Србац, при евакуација на жителите од поплавените региони, се превртил чамец во кој се наоѓале две лица. Според Васиќ, едното лице е спасено, а другото, постар маж, се удавило и неговоот тело го однела надојдената вода.

Претходно, полицијата информира дека еден маж загинал во Бјелина, кога дел од ѕид на неговата вила се урнал под притисок на надојдената вода.

Васиќ предупреди и на појава на криминалци во местата Српске Топлице и Карановац, во близина на Бања Лука, кои претставувајќи се како криминалистички инспектори, барале од жителите итно да ги напуштат своите домови поради наводно попуштање на браната „Бочац“, со намера да извршат грабеж.

16.05.2014 - 18:16
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега