НБРМ: Без големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика

 

Пониска стапка на инфлација во 2014 година во споредба со октомвриската проекција, доволно капитални приливи за финансирање на дефицитот и задржување на девизните резерви на адекватното ниво, прогнозира Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Според Комитетот, постојната монетарна поставеност е соодветна, при што е одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25 отсто.

Најновите оценки на Централната банка не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму да бидат во сигурната зона. Инфлацијата значително забавува, а нејзината динамика е последица на фактори на страната на понудата. Се потврдуваат очекувањата за постепено засилување на економскиот раст, додека остварените и оценетите поместувања на кредитниот пазар упатуваат на можност за постепено слабеење на надолните ризици поврзани со динамиката на кредитната активност.

- Во економијата се создадени предуслови за одржливо закрепнување на приватниот сектор, не е потребен дополнителен монетарен стимул. Досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви, соопшти НБРМ.

Ова  економско закрепнување ќе продолжи, со динамика слична на оценките дадени во октомвриските проекции. Растот нема да биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата во форма на инфлациски притисоци и позначително влошување на надворешната позиција.

И во следниот период, смета Комитетот, ќе бидат присутни факторите што и досега делуваа стимулативно врз растот - подобрување на глобалното окружување, зголемување на искористеноста на потенцијалот на странските извозни капацитети, фискалниот стимул врз инвестициите и постепеното закрепнување на потрошувачката.

Остварувањата во реалниот сектор минатата година беа во согласност со октомвриската проекција, а показателите за активноста во првото тримесечје упатуваат на продолжување на поволните трендови.

Движењата на кредитниот пазар остварени во 2013 година беа подобри од очекувањата, при натамошно задржување на поволните трендови и од почетокот на 2014 година, што може да упатува на постепено остварување на ефектите врз кредитната активност од досегашното монетарно олабавување и намалена одбивност кон ризик од страна на домашните банки. Во вакви услови, а при оценки за генерално подобар економски амбиент во следниот период, очекувања за раст на депозитите и за подобрена кредитна побарувачка и последните оценки укажуваат на натамошно забрзување на кредитниот раст во следниот период. 

Ризиците за основното макроекономско сценарио, како и претходно, главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст. Дополнителен фактор на ризик сега претставуваат и случувањата поврзани со конфликтот помеѓу Русија и Украина. Ризиците од овие случувања може да се остварат преку нестабилност на светските цени на енергентите и на житните производи, а воедно може да имаат влијание и врз очекуваното економско закрепнување, што наметнува потреба од постојано следење на настаните. 

14.05.2014 - 16:14
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега