Путин му испрати писмо на Иванов: Македонците го потврдија Вашиот голем политички авторитет
По повод победата на претседателските избори и реизборот на д-р Ѓорге Иванов за Претседател на Република Македонија, голем број шефови на држави упатија писма со честитки до претседателот Иванов.
„Резултатите од гласањето потврдуваат Ваш голем политички авторитет и доверба на граѓаните. Вие давате значаен придонес за зацврстување на пријателските односи и за заемно корисната соработка меѓу Русија и Македонија“, стои во писмото упатено од претседателот Путин.
Честитки до претседателот Иванов упати претседателот на Сојузна Република Германија,г. Јоахим Гаук. „Цврсто сум убеден дека патот кон правната држава внатре во земјата и балансираниот однос кон соседните земји е единствениот правилен пат, кој на Вашата земја и овозможува добра иднина во кругот на европските народи. Германија и понатаму ќе ве придружува на овој пат“, стои во честитката од претседателот Гаук.
Честитки до претседателот Иванов во лично име и во име на турскиот народ упати и претседателот на Република Турција, г. Абдула Ѓул. „ Поради Вашиот удел прикажан во односите со Турција за време на Вашиот прв мандат како Претседател, нашата соработка чија што сила доаѓа од историската, човечката и културната врска има достигнато голем напредок“, стои во писмото од претседателот Ѓул, кој воедно изрази очекување за натамошно продлабочување на меѓусебните односи.
Писмо со честитка по повод реизборот на претседателот Иванов упати и претседателот наРепублика Бугарија, г. Росен Плевнелиев. „Република Бугарија во Република Македонија гледа близок сосед и партнер, чијашто иднина е во заедничкото европско семејство. Се надевам дека под ваше раководство ќе биде даден нов импулс на напорите за интегрирање на Вашата земја во европските и евро-атлантските структури. Убеден сум дека односите на нашите две земји треба да се развиваат врз основите на европските вредности и стандарди за добрососедство и соработка“, пишува претседателот Плевнелиев.
Повторното преземање на функцијата Претседател од страна на претседателот Иванов го честиташе и претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски, кој изрази задоволство од односите меѓу двете земји. „Би сакал да ја истакнам полската поддршка за европските и евроатлантските аспирации на Македонија. Се надевам на успешна соработка меѓу нашите држави и интензивирање на економската соработка“, стои во писмото на полскиот претседател.
Искрени честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Чешка, г. Милош Земан, посочувајќи дека според него реизборот претставува израз на доверба која македонскиот народ ја има кон претседателот Иванов. „Цврсто верувам дека и понатаму ќе успеваме да продолжиме со нашето традиционално пријателство и дека ние двајца од своите функции ќе придонесуваме за исполнувањето на потенцијалот на заемна соработка на нашите земји. Затоа, примете го моето уверување за постојана поддршка од Република Чешка за македонското членство во Европската Унија и Северноатланската алијанса“, стои во писмото од чешкиот претседател.
Реизборот на претседателот Иванов го честиташе и претседателот на Словачката Република, г. Иван Гашпарович. „Верувам дека пријателските односи меѓу Словачката Република и Република Македонија ќе продолжат да се развиваат во сите сфери од заемен интерес“, стои во честитката од претседателот Гашпарович.
Писмо со честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Унгарија, г. Јанош Адер, во кое изразува задоволство од воспоставеното пријателство и политичките и економски односи меѓу двете земји. “Ве уверувам дека Унгарија на меѓународните форуми и во престојните години активно и со искрено убедување ќе ги поддржува напорите на Македонија за европска интеграција и за членство во НАТО. Искрено се надевам дека пречките во поглед на вашето придружување ќе бидат надминати што е можно поскоро и вашите напори ќе доведат до успех“, стои во писмото од претседателот Адер.
Претседателот на Република Литванија, г-ѓа Далија Грубаускаите во својата порака му посака на претседателот Иванов со волја и мудрост да продолжи да ги извршува одговорните должности работејќи за општото добро и безбедноста на граѓаните на Република Македонија. „Литванија секогаш стоеше на страната на Република Македонија на патот на спроведувањето на реформите и обезбедување на мир, стабилност и просперитет за своите граѓани. Цврсто верувам дека Литванија ќе остане доследен поддржувач на вашата земја и нејзините напори за интеграција во евроатланските структури“, стои во честитката од претседателот на Република Литванија.
Победата на претседателот Иванов му ја честиташе и претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор посочувајќи дека Република Словенија и Република Македонија како пријателски држави во изминатите години достигнаа значајни резултати. „Големи заслуги за тоа ви припаѓаат вам. Сигурен сум дека ќе се продлабочи нашиот дијалог и соработката на нашите народи кои ќе дадат придонес за унапредување на пријателскиот и партнерски однос меѓу државите. Повторно би сакал да ја искажам поддршката на Република Словенија за напорите на Република Македонија на патот кон членство во НАТО и ЕУ“, пишува словенечкиот претседател Пахор во честитката до претседателот Иванов.
Честитки за вториот мандат на претседателот Иванов упати и претседателот на Република Хрватска, г. Иво Јосиповиќ. „Убеден сум дека со Вашиот реизбор ќе придонесете за уште посилни односи и уште посодржајна соработка особено на полињата на културата и економијата меѓу нашите народи и држави. Искрено се надевам на продолжување на нашата соработка и пријателство“, стои во писмото од хрватскиот претседател.
Писмо со честитки до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Србија,г. Томислав Николиќ. „Унапредувањето на добрососедските односи меѓу нашите две земји ќе претставува дополнителен поттик на натамошното јакнење на соработката, стабилноста и просперитетот во регионот, како и продолжување на процесите на европска интеграција“, пишува претседателот Николиќ.
Повторната победа на претседателските избори на претседателот Иванов, во телефонски разговор му ја честиташе и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ. Претседателот Вујановиќ изрази задоволство од традиционално блиските односи меѓу двете држави, како на политички така и на економски план, и изрази уверување дека во иднина соработката меѓу двете земји ќе се продлабочува во сите области од заемен интерес.
Претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ во лично име и во име на граѓаните на БиХ упати срдечни честитки и желби за успех во натамошната работа на претседателот Иванов. „Уверен сум дека, како и до сега, ќе продолжите да давате силен поттик за натамошен развој на пријателството и соработката на нашите две земји, како на билатерален, така и на регионален и меѓународен план“, пишува во честитката од Претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина.
Добиениот втор мандат на претседателот Иванов го честиташе и поранешниот чешки претседател, г. Вацлав Клаус, во чие писмо стои дека Република Чешка и Република Македонија имаат долга историја на пријателство и соработка, за која важен придонес има и претседателот Иванов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа