Опозицијата никогаш не ги признавала македонските избрани претседатели
Новото по ред непризнавање на функцијата претседател од страна на опозицијата во Македонија повторно се случи откако на собраниската седница за инагурација на Иванов столчињата на кои требаше да седнат пратениците на СДСМ беа испразнети.
Полупразната сала ја оживеа приказната за сите непризнавани македонски претседатели и за континуираното (само)девалвирање на највисоката функција во државата пишува Дојче Веле.
Владо Поповски, професорот од Правниот факултет ваквата ситуација ја објаснува со причински-последично дејствие.
„Кај нас се евидентни последиците од неконсолидираната политичка култура, непостоењето на долги демократски традиции и непочитувањето на институции. Не е на завидно ниво државната зрелост кај политичарите, ниту институционалната зрелост на државата. Излезот од ваквата ситуација го гледам само во воспоставувањето на сосема поинаква, нова практика. Без разлика како се определиле гласачите, институциите треба да се департизираат и да се реализираат како институции на граѓаните, без никаков протекционизам и селективен однос. Треба да покажат дека дејствуваат во полза на сите граѓани, а не според приципот на 'мајка и маќеа'. Кога ќе се стабилизира тој приод во извршувањето на овластувањата, тогаш и граѓаните ќе стекнат доверба во институцијата, како и потреба за нејзино почитување и свест за нејзиното значење. Ако тоа не се случи, двете страни ќе се надополнуваат во создавањето на уште поголем јаз“, вели Поповски.
Историја на оспорувања
Ѓорге Иванов не е првиот македонски претседател кој се соочува со оспорување на легитиметот, но секако е првиот кој ја освои недовербата на толкав број партиски субјекти - ДУИ, СДСМ и НДП. Дведецениската историја на самостојна Македонија, покажува дека досега непризнавани беа сите досегашни шефови на државата. ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидатот за претседател, Љубиша Георгиевски, во деведесетите години на минатиот век го оспорија легитимитетот на тогашниот претседател Киро Глигоров. Енормната разлика во гласови во корист на „стариот лисец“, како што во тие години беше нарекуван Глигоров, беше третирана како резултат на масовен изборен фалсификат. Во тој период и ДПА предводена од сега покојниот Арбен Џафери, го критикуваше Глигоров поради игнорирање на интересите и проблемите на Албанците и во повеќе изјави го потсетуваше дека тој не се однесува како претседател на сите граѓани
„Преодниот пехар“ на оспорен легитимитет во 1999 година премина во рацете на претседателот Борис Трајковски, откако тој во вториот круг од изборите изненадувачки однесе победа, иако во првиот беше второпласиран со голема разлика во гласовите во однос на првопласираниот Тито Петковски.
Ако Трајковски беше „граѓанинот“, неговиот наследник на претседателска функција, Бранко Црвеновски, стана „господинот“. ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека е избран на функција без доволен цензус, но токму оваа партија со повик до членството масовно да излезе и да гласа за нивниот кандидат Сашко Кедев, и тоа само два часа пред затворањето на гласачките места, најмногу му помогна на Црвенковски да го достигне цензусот. Поради тоа, Љубчо Георгиевски, кој агитираше за бојкот на изборите, го обвини Никола Груевски дека лично тој го донел Црвенковски на претседателската функција, со повикот за гласање.
Извор: http://www.dw.de
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа