Заврши манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“
Хуманата и просветителска активност на браќата Кирил и Методиј остави неизбришливи траги во историјата на Европа, во историјата на нашата земја и токму затоа, наша обврска и должност е да ја негуваме нивната мисија, истакна заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ синоќа пред почетокот на монодрамата „Јустинијан Први“ на Јордан Плевнеш во изведба на актерот Петар Темелковски, на затворањето на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
- Преку негувањето на делото на словенските просветители, истовремено го потврдуваме нашето искрено пријателство и заедно до целиот свет ја испраќаме хуманата порака на Свети Кирил и Методиј за дијалог и меѓусебно разбирање, рече Недељковиќ.
Актерот Темелковски пред многубројните дипломати и пријатели на Македонија во базиликата „Сан Џовани деи Фиорентини“ ја изведе монодрамата „Јустинијан Први“, ликот на еден од најголемите римски императори, кој потекнува од скопски Таор.
Инаку, вчера во базиликата Сан Клементе во Рим митрополитот Преспанско – пелагониски г. Петар чиноначалствуваше со молебенот на гробот на Свети Кирил, а пред неговите мошти се поклони и државната делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.