Груевски го честита Денот на Кирил и Методиј

 

Премиерот Никола Груевски упати честитка по повод 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, кој во Република Македонија е државен празник. Во неа истакнува дека тоа е величествен ден на кој им се укажува искрена и голема благодарност на големите мисионери на христијанството и светите апостоли на словенската култура и цивилизација.

- Делото на Светите браќа Кирил и Методиј во Македонија и во поширокиот регион е непроценливо, и нивна е заслугата за всадувањето на христијанските учења и вера кај нашите предци. Благодарение на првата словенска азбука - глаголицата која била создадена од Кирил и Методиј, многу народи, меѓу кои и македонскиот народ, добија можност на свој разбирлив јазик да ги примат и шират христијанските вредности, да навлезат во сеопшт културен, духовен, творечки и сеопшт развој, но и да го градат државно-правниот развој на своите народи, пишува во честитката на претседателот на Владата на РМ.

- Наша е честа и привилегијата да живееме и твориме на земја во која сесловенските просветители поминаа голем дел од својот живот, црпеа духовна сила од македонските светилишта и макотрпно го градеа своето мисионерско дело. Она што тие го оставија зад себе ќе остане како неизбришлив паметник за она што претставува синоним за верба, ученост, способност и трудољубивост. Во нивна чест и слава да продолжиме со создавањето трајни вредности за сестран развој на нашата држава и општество. Нивниот лик ќе остане вечно да се празнува и да инспирира голем број идни македонски поколенија, стои во честитката на премиерот по повод Денот на сесловенските просветители.

најчитано сега