Скопјанецот што го прегази чичко Југо ќе одговара за тешка сообраќајна несреќа и неукажување помош на повредените

 

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен скопјанец, осомничен за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, но и за кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 1 јули управувал мотоцикл „Кавасаки“ без истакната регистарска табличка на задниот дел,  по пешачката патека покрај зграда на улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“. Возел преку површина наменета за движење на пешаци, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот.

Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото.

Фактот дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода. Освен тоа, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело.

На тие основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

04.07.2025 - 18:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега