Македонија ги претстави туристичките потенцијали на Саемот за туризам во Гетеборг

 

Македонија по трет пат ги претставува своите туристички потенцијали на водечката саемска туристичка манифестација во Скандинавија - ТУР 2014 во Гетеборт, која беше отворена вчера и ќе трае до 23 март. Како што јавува МИА, годинава на саемот учествуваат преку 500 излагачи, агенции, туроператори и претпријатија од турситичкиот сектор, од преку 90 земји во светот. 

Штандот на Република Македонија, кој го подготви Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, и кој е опремен со богат туристички репрезентативен материјал, разновидни брошури и проспекти, вчера го посетија голем број новинари од водечките шведски весници, меѓу кои, „Свенска дагбладет“ и „Дагенс нихетер“, како и едно од најтиражните списанија од областа на туризмот и патувањата: „Вагабунд“ и популраниот туристички сајт ресегуиден.се.

- Остваривме контакт и со Агенцијата на шведските туроператори, но и со туристички агенции од соседните скандинавски земји, вели Мирјана Наумовска, економски промотор на Република Македонија во Шведска и Финска.

Многумина Швеѓани патуваат на исти места и во исти земји од година в година, но многумина откриваат и нови туристички дестинации. Скопје лани се искачи високо на листата на популарни туристички дестинации меѓу Швеѓаните, кои во текот на 2013 година пребарувале двојно повеќе патувања за Скопје во споредба со 2012 година. Тоа го покажуваат сумираните податоци на популарниот туристички сајт „Skyscanners“.

Интересирањето за Скопје на турситичките сајтови за пребарување на патувања, како и за повеќе други главни градови во Европа, е поврзан и со евтините нискобуџетни авиолетови, кои од Шведска, на пример, директно го поврзуваат Скопје со трите најголеми шведски урбани центри - Стокхолм, Гетеборг и Малме.

 

21.03.2014 - 10:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега