Исмет Рамадани: ДУИ форсирајќи ја идејата за консензуален Претседател и направи „мечкина услуга“ на ДПА
Демократската унија за интеграции направи погрешни проценки со идејата за консензуален кандидат и со најавите за бојкот на изборите и и направи мечкина услуга“ на ДПА, со која и дава шанса да демонстрира и нереална политичка моќ во однос на ДУИ кај албанскиот електорат.
Вака политичкиот аналитичар, Исмет Рамадани во интервју за Прес24, ја анализра политичката сцена во албанскиот политички блок пред Претседателските и вонредните парламентарни избори.
-Самиот факт дека нема друг кандидат Албанец за Претседател реално е да се очекува дека г-динот Илјаз Халими да добие значителен број на гласови и од граѓани Албанци кои не се симпатизери на ДПА. Мислам дека ДУИ форсирајки ја идејата за козензуален кандидат и направи „мечкина услуга“ на ДПА, со која и дава шанса да демонстрира и нереална политичка моќ во однос на ДУИ кај албанскиот електорат, вели за Прес24, Рамадани потенцирајќи дека сепак влегувањето на Халими во вториот круг е преголема амбиција.
Рамадани не очекува неуспех на претседателските избори поради политичките констелации во државата.
- Гледано од партиски аспект на ДУИ, бојкотот би имал некаков ефект кога би бил тотален и апсолутен од сите гласачи Албанци за да не се помине цензусот за избор на Претседател на Републиката, но такво нешто нереално е да се очекува во услови на политички плурализам во албанскиот електорат, вели Исмет рамадани во интервјуто за Прес 24.
-Ако евентуално Иванов биде избран повторно за претседател, ДУИ може да го оспори неговиот легитимитет како партија, но тоа не значи дека тој нема да биде Претседател, потенцира Рамадани, најгласувајќи дека кизата која се појави меѓу владеачките пертии може да резултира со политилчка криза по изборите.
-Како што се одвиваат работите постои можност после изборите да влеземе во политичка криза. Впрочем на некој начин лидерот на ДУИ Ахмети веќе најави дека ако по изборите нема договор за најбитните прашања во државата, ќе се оди и на вонредни парламентарни избори, вели за Прес24, Исмет Рамадани поранешен пратеник од ПДП и политички аналитичар.
Тој во интервјуто зборува и за идејата за консезуален претсетдател, но и за тоа зошто е невозможно во Македонија да профункцинира стабилен трет политички субјект.
ПРЕС24: Претстојните претседателски избори се еден вид предизвик. ДУИ најави нивно индиректно бојкотирање и не признавање на легитимитетот на издниот претседател. Има ли ДУИ сериозни аргументи и колку на еден претседател, ако е избран легално на избори, може да му се оспорува легитимитетот?
РАМАДАНИ: Кога лидерот на ДУИ, г-динот Али Ахмети во емисијата ,,Патот кон...“ на Алсат-М го изнесе ставот дека нема да ја подржи кандидатурата на актуелниот Претседател Иванов, веднаш се постави прашањето како и кој ќе биде договорот меѓу коалиционите партнери за друг сега таканаречен ,,консензуален“ кандидат за нов претседател на државата. Но, во добро замислената идеја се заборави дека и кога би имал договор помеѓу Ахмети и Груевски, тој кандидат не би бил косензуален, затоа што на слободни и демократски избори за претседател на државата има и други субјекти и чинители, а над сите се граѓаните кои одлучуваат кој ќе биде идниот претседател.
Во ситуација кога коалициониот партнер на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, со омаловажување и пркосење возврати токму со кандидат неприфатлив за ДУИ, односно за Албанците, тогаш логично би било ДУИ да не го гласа Иванов за претседател. Во тој случај ДУИ би ја користиле можноста да гласаат за друг кандидат за кој би процениле дека е прифатлив за нив, и во едно би се ослободиле од квалификацијата дека ги бојкотираат претседателските избори.
Ако евентуално Иванов биде избран повторно за претседател, ДУИ може да го оспори неговиот легитимитет како партија, но тоа не значи дека тој нема да биде Претседател. Но, едно е сигурно, ако евентуално и двајцата лидери, Груевски и Ахмети, победат на овие избори, со ваков начин на однесување како партнери најверојатно ќе ни испорачат хендикепирана Влада и хендикепиран Претседател на државата.
ПРЕС24: Можно ли е Македонија да влезе во политичка криза по претседателските избори?
РАМАДАНИ: Ако оваа таканаречена ,,ујдурма“ помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им донесе победнички изборни резултати со крајно лоши меѓуетнички односи и тензичен политички амбиент, тогаш многу тенка ќе биде линијата помеѓу политичката криза и нормалните политички текови во земјата. Во ситуација на вистински меѓусебен политички судир и двете партии имаат капацитет да создаваат политичка криза во земјата. Како што се одвиваат работите постои можност после изборите да влеземе во политичка криза. Впрочем на некој начин лидерот на ДУИ Ахмети веќе најави дека ако по изборите нема договор за најбитните прашања во државата, ќе се оди и на вонредни парламентарни избори.
ПРЕС24: ДУИ од нова година ја заговара идејата за консензуален претседател. Досега барем јавно не образложија што подрзабираат под консезуален претседател. Дали тоа е консензус меѓу партиите или пак тоа е консезус меѓу гласачите од резлични етнички структури?
РАМАДАНИ: ДУИ по се изгледа со консензуален кандидат за Претседател на државата подразбира консензус помеѓу гласачите од различни етнички заедници, под услов за тоа да одлучуваат ексклузивно партиите на власт, во овој случај ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека сите други политички субјекти и партиски необоени граѓани да бидат принудени да го почитуваат тој еден и единствен договор помеѓу Али Ахмети и Никола Груевски. Нема шанси!
ПРЕС24: Една од опцијата која што ДУИ вели дека треба да биде решение за ниванта идеја е промена на изборниот систем и место на непосредни избори, Претседателот да се бира во Парламентот. Што мислите вие за таквата идеја?
РАМАДАНИ: Мислам дека една ваква идеја вреди да се разговара помеѓу сите политички чинители со тоа дека треба да следи и промена на Уставот во делот како се бира Претседател. Овие ингеренции кои ги има Претседателот со сегашниот Устав може да ги остварува и кога би бил избран во Парламентот. Искуството ни кажува дека функцијата Претседател на Републиката кај нас повеќе е одраз на личноста од која извира авторитет, а помалку од ингеренциите кои му ги дава Уставот на Република Македонија.
ПРЕС24: Паралелно со бојкотот на ДУИ, ДПА активно учествува на претседателските избори. Илијаз Халими е единствениот кандидат Албаннец. ДПА гради надеж дека на тој начин Халими може да ги собере сите албански гласови и да влезе во вториот круг. Колку тоа е остварливо?
РАМАДАНИ: Самиот факт дека нема друг кандидат Албанец за Претседател реално е да се очекува дека г-динот Илјаз Халими да добие значителен број на гласови и од граѓани Албанци кои не се симпатизери на ДПА. Мислам дека ДУИ форсирајки ја идејата за козензуален кандидат и направи „мечкина услуга“ на ДПА, со која и дава шанса да демонстрира и нереална политичка моќ во однос на ДУИ кај албанскиот електорат. Дали г. Халими ке влезе во вториот круг е голем знак на прашање, тоа во прв ред нема да го дозволи ДУИ, а тука е и кандидатот за претседател, г-динот Стево Пендаровски кој со неговите перформанси и политички ставови сериозно конкурира и во немакедонското гласачко тело.
ПРЕС24: Ако се анализира начинот на гласање на албанскиот електорат, тогаш лесно може да се заклучи дека многу тешко ќе биде албанските гласачи да гласаат за македонски кандидат во привиот круг, кога во изборот имаат кандидат Албанец?
РАМАДАНИ: Да,тука до некаде сте во право, но ако се има во предвид дека нема реални шанси идниот Претседател на државата да се бира Албанец, а тука се и партиските калкулации во албанскиот електорат, кои се доста различни и спротивставени, посебно меѓу ДПА и ДУИ, тогаш тешко е да се оствари масовно и апсолутно гласање за кандидатот Албанец. Да не го заборавиме и фактот дека повикот за бојкот од ДУИ значително ќе влијае, посебно во првиот круг на претседателските избори.
ПРЕС24: Направи ли ДУИ грешка со бојкотот на Престедателските избори?
РАМАДАНИ: Да. Мислам дека ДУИ требаше да остане конзистентна на првата изјава на Лидерот на Али Ахмети со став дека ќе го бојкотира само изборот на г-динот Иванов за Претседател, како кандидат предложен од инает кон ДУИ од страна на ВМРО-ДПМНЕ, односно од премиерот Груевски. Гледано од партиски аспект на ДУИ, бојкотот би имал некаков ефект кога би бил тотален и апсолутен од сите гласачи Албанци за да не се помине цензусот за избор на Претседател на Републиката, но такво нешто нереално е да се очекува во услови на политички плурализам во албанскиот електорат.
ПРЕС24: Како ја оценувате Вие предизборната понуда на претседателски кандидати?
РАМАДАНИ: Уште е рано да се даде некоја сериозна оценка, но очигледно е дека главната битка ќе се води помеѓу кандидатите за Претседател, Иванов и Пендаровски. Кандидатот Иванов е прочитана книга како досегашен Претседател и не е во ситуација да понуди нешто ново. Се очекува по интересен за граѓаните гласачи да биде кандидатот г-дин Стево Пендаровски и како личност и со неговата предизборна понуда за Претседател на Државата. Ако продолжи со ваков пристап кон граѓаните без разлика на нивната партиска, етничка или религиозна припадност, тогаш консензуалниот кандидат може да биде олицетворен токму кај г-динот Пендаровски.
ПРЕС24: Како еден вид излез од состојбата во која што се најдоа владиниот коалициони партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше распуштањето на Парламентот и нови предвремени избори. Сега и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ бараат доверба од граѓаните која ќе им овозможи стабилни преговарачки позиции по изборите. Едните 63 пратеника, другите 25?
РАМАДАНИ: Повиците со барање за едните 63 а за другите 25 пратеника со цел да не бидат условувани врз етничка основа, а да имаат и понатаму апсолутна власт се погубни и опасни во едно мултиетничко општество. За жал ова опасна игра прв ја почна актуелниот Премиер на Владата Никола Груевски, на партиската конвенција за избор на кандидат за Претседател, на што сите присутни во салата, вклучително и актуелниот Претседател Иванов станаа на нозе и еуфорично ракоплескаа на таквиот повик. Во ваква дадена ситуација што би можеле да очекуваме за возврат од Али Ахмети и неговата ДУИ освен ,,мило за драго“.
Јас ова го гледам како повик за доброволци во битка со непријателот. На неколку наврати во неколку медиуми сум кажал и пак ќе повторам - ваквите обраќања до електоратот, македонски и албански и по цена на глас повеќе, и по цена на партиски интереси, се опасни и поразителни за Македонија. Зарем не звучи примитивно да бараш гласови од граѓаните, а после истите да ги завадиш врз етничка основа.
ПРЕС24: И овие, како и неколку претходни изборни циклуси веројатно ќе ја потврдат биполарниоста на политичката сцена во Македонија и кај македонскиот и кај албанскиот електорат. Зошто овде нема здрава основа за стабилна трета политичка опција?
РАМАДАНИ: Биполарноста на политичката сцена во Македонија и понатаму ќе биде присутна бидејки се помалку им се дозволува политички простор на помалите партии во нивното дејствување како независни субјекти. Тие обично се шантажираат од поголемите партии нудејќи им на првите луѓе по некоја функција, или друг личен интерес и ретко кој тоа го одбива. Тие што се обидуваат да се пробиваат како самостоен политички субјект обично се газат како тревата кога се борат два слона. Денес немилосрдни се механизмите и инструментите кои ги поседуваат големите политички партии во однос на помалите партии. Затоа новоформираните партии уште во стартот даваат сигнали да се приклучат во една од композициите на големите партии. Истото се случува, условно кажано, и во македонските и во албанските партии.
ПРЕС24: Зошто кај албанските политички партии се уште доминатни прашања во изборната кампања се етничките? Речиси и да не се зборува за некаква програма за економија, за вработувања, за проекти пред гласачите? Таа реторика ја користат речиси сите албански политичари?
РАМАДАНИ: Во последно време се по често се поставува прашањето кога албанските партии ќе бидат погласни за економски и екзистенцијални проблеми. Мислам дека денес се почесто албанските партии проблематизираат прашања од буџетот и вработувањето, но и тука наидуваат на отпор од институциите со разни манипулации. Мислам дека во изборната кампања на албанските партии во последно време се поприсутна е определбата за евроатлантските интеграции. Сепак нешто се менува и во барањата и реториката на албанските политичари, па оттука гледаме и се поизразена ориентација кон длабоките економски и социјални проблеми со кои се соочуваат граѓаните
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа