ФФМ: Петар Милошевски - човекот со карактер големо срце и вистински херој!

 

Фудбалската федерација на Македонија се огласи по повд смртта на директорот на фудбалската репрезентација на Македонија Петар Милошевски.

-Вчера по хуманитарниот натпревар во Куманово, на регионалниот пат Крива Паланка – Куманово во трагична сообраќајна несреќа животот го загуби директорот на фудбалската репрезентација на Македонија Петар Милошевски.

Фудбалски работник кој искрено и со срце несебично се вложуваше за развој на фудбалот во Македонија,  кој го сакаше фудбалот и пред сѐ Македонија. Патриот, човек кој чесно и правично секогаш ги решаваше сите потешкотии и препреки, кој знаеше да остане смирен, мудар и секогаш фокусиран на нашата фудбалска иднина, практичен дури и во најтешките моменти. Несебично се жртвуваше, сакаше секогаш да им помага на луѓето, беше христијанин во вистинска смисла на зборот.

Пеце, сметаше дека само со чесност, отвореност и напорна работа може да се постигнат добри резултати, и токму таков поттик постојано има даваше на младите. Беше човек за пример, од кого ретко можеше да излезе негативен збор. Имаше почит и разбирање за сите, постојано ширејќи ја својата позитивна енергија.

Оптимист со ведар дух, голем работник и фудбалска легенда во секоја смисла! Роден битолчанец, првиот голман на македонската фудбалска репрезентација, со голем број на репрезентативни настапи, до самиот крај на својата кариера, фудбалер кој секогаш беше на располагање на репрезентацијата, таа за него беше пред сѐ друго, вистински Македонец, лидер, човек за секоја почит.

Со успех бранеше во Пелистер и во Вардар, како и во неколку странски клубови. Фудбалски стручњак, татко и сопруг, но пред сѐ добар човек, каков што ретко може да се сретне.

Петар Милошевски, до последен момент остана доследен на своите принципи, висока моралност и спортски фер плеј, и како таков ќе го помниме. Човек со карактер, големо срце и вистински херој!

Почивај во мир, наш Пеце!!

14.03.2014 - 12:13
Фото: 
Нова Македонија

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега