Герт Аренс : Овие избори се прва можност која ОДИХР ја има да ги види измените „во акција“

 

Претседателските и вонредните парламентарни избори ќе бидат тест за демократските капацитети на државата, особено по консезуалните измени на изборниот законик. Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР, Герт Аренс, во интервјуто за Прес24, потенцира дека “Овие избори се прва можност која ОДИХР ја има да ги види измените „во акција“, и мисијата ќе ја искористи оваа можност да ги процени измените во однос на заложбите на ОБСЕ и меѓународните стандарди за фер и демократски изборни процеси.

-Изборите се комплексен процес. Многу ретко сликата е само црна или бела. Ние разбираме дека постои интерес за сумирање на проценката во една едноставна формула, меѓутоа секогаш се обидуваме во нашата проценка да дадеме должно внимание на комплексноста на процесот и избегнуваме такви поедноставувачки фрази. Поради тоа нашата проценка ќе ги признае позитивните аспекти и исто така ќе ги истакне недостатоците. Правната рамка е еден од оние аспекти на процесот кој ние ќе го оценуваме, вели Аренс во Интервјуто за Прес24, потенцирајќи дека мисијата ќе ги анализира сите аспекти што значат законска имплементација на изборните одредби.

- Набљудувачите ќе ја проценат законската рамка и нејзината имплементација, одблиску ќе ја мониторираат работата на изборната администрација, релевантните владини тела, регистрацијата на избирачите и кандидатите, активностите во кампањата, медиумскотот опкружување и разрешувањето на изборните спорови, вели Шефот на набљудувачката мисија.

И овие избори ОБСЕ и ОДИХР ќе ги следи со над 330 членови. 

-Бројот на набљудувачи за оваа мисија е заснован исклучиво на проценката за тоа колкава мисија би овозможила добивање на сеопфатна слика за изборите, која пак понатаму му овозможува на ОДИХР да ги заснова препораките за подобрување на изборниот  процесот на професионално набљудување поткрепено со факти , вели во интервјуто за Прес24, Аренс.

ПРЕС24:  Набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР и на овие избори, пртестедателски и вонредни парламентарни, ќе брои над 330 набљудувачи. Бројката речиси е идентична со претходните неколку изборни циклуси. Зошто толкав број на набљудувачи?

АРЕНС: Согласно методологијата за набљудување на изборите на ОДИХР, Канцаларијата за демократски институции и човекови права во јануари 2013 испрати мисија за проценка за потребите. Членовите на мисијата тогаш се сретнаа со сите учесници во изборниот процес, вклучувајќи претставници на властите и политичките партии, како и индивидуални кандидати, и претставници на граѓанското општество и медиумите. Врз основа на информациите собрани во текот на тие средби, мисијата за проценка на потребите, согласно мандатот на ОДИХР за помош на земјите членки на ОБСЕ за подобрување на нивните избори согласно заложбите на ОБСЕ и други меѓународни стандарди за демократски избори, препорача испраќање на мисија за набљудување на изборите, вклучувајќи го и бројот на набљудувачи за кој прашувате.

Поради тоа што локалните избори беа одржани само пред една година, информациите собрани минатиот јануари и препораките од мисијата за проценка на потребите се се уште валидни. Следствено, ОДИХР испрати набљудувачка мисија за претседателските и вондредните парламентарни избори со ист формат и иста големина.

ПРЕС24:  Дали оваа бројка на набљудувачи може да се толкува во насока дека изборните процеси во Македонија се уште ОБСЕ и ОДИХР ги смета како ризични?

АРЕНС: Бројот на набљудувачи за оваа мисија е заснован исклучиво на проценката за тоа колкава мисија би овозможила добивање на сеопфатна слика за изборите, која пак понатаму му овозможува на ОДИХР да ги заснова препораките за подобрување на изборниот  процес на професионално набљудување поткрепено со факти.

ПРЕС24:  Како ќе бидат распоредени вашите набљудувачи?

АРЕНС: Тимот составен од 11 изборни експерти веќе работи во Скопје, а 20 долгорочни набљудувачи кои ќе работат во тимови од двајца ќе бидат испратени во различни региони од земјата со цел да обезбедат широко покривање на кампањите. Краткорочни набљудувачи ќе бидат распоредени во сите региони од земјата на двата изборни дена, на начин кој ќе овозможи балансирана и сеопфатна проценка на процесот во целата земја.

ПРЕС24:  Имате ли детектирано критични точки каде набљудувачите ќе бидат најмногу сконцентрирани и кои се тие места?

АРЕНС: Планот за распоредување на набљудувачите не е дизајниран на начин што на еден дел од земјата посветува повеќе внимание отколку на друг. Тој е дизајниран за да обезбеди прецизна и балансирана проценка на целиот процес во сите региони на земјата.

ПРЕС24:  Што е она на што ќе биде насочен фокусот на набљудувачката мисија? Денот на изборите и комплетниот предизборен и изборен амбиент?

АРЕНС: Мисијата ќе ги процени двата избори од апсект на нивната усогласеност со заложбите на ОБСЕ и други меѓународни стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство. Набљудувачите ќе ја проценат законската рамка и нејзината имплементација, одблиску ќе ја мониторираат работата на изборната администрација, релевантните владини тела, регистрацијата на избирачите и кандидатите, активностите во кампањата, медиумскотот опкружување и разрешувањето на изборните спорови.

Во текот на набљудувањето, мисијата ќе се сретне со претставници на власта, политички партии и кандидати, претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница. На двата изборни дена, набљудувачите ќе го мониторираат отворањето на избирачките места, гласањето, броењето на гласовите на табелирањето на резултатите.

ПРЕС24:  Претпоставувам дека изминативе неколку денови имавте средби со институциите задолжени за спороведување на изборите, но и со учесниците во изборниот процес. Какви се вашите впечатоци?

АРЕНС: Како што напоменувате, ние започнавме со средби со претставници на изборната администрација, со учесници во изборниот процес, како и со претставници на граѓанскиот сектор и медиумите. Овие средби ќе продолжат во текот на целиот изборен процес, како и по денот на изборите со цел да се соберат сите информации кои ни се потребни за да дадеме професионална и објективна проценка на процесот, поткрепена со факти.

ПРЕС24:  Како ја оценувате актуелната предизборна атмосфера? Дали таа дава надежи за слободни фер и демократски избори?

АРЕНС: Мисијата тукушто ги започна своите активности така што не би било во ред да дадеме проценка, бидејќи не сме биле во можност да го набљудуваме целиот процес. Улогата на мисијата е да процени како изборите ги исполнуваат заложбите кои произлегуваат од членството во ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори. Сите земји членки на ОБСЕ се обврзаа да работат со цел да ги исполнат овие стандарди, така што тоа е надежта која ја имаме пред секој изборен процес кој ОДИХР го набљудува.

ПРЕС24:  Овие избори ќе се спроведуваат по едни суштински измени на изборниот законик за кој консензус постигнаа сите релевантни политички партии. Како Вие го оценувате овој консензус и како ги оценувате овие измени во изборниот законик?

АРЕНС: Овие избори се прва можност која ОДИХР ја има да ги види измените „во акција“, ако може така да се изразам , и мисијата ќе ја искористи оваа можност да ги процени измените во однос  на стандардите за кои веќе зборував претходно.

ПРЕС24:  Што е клучно за еден изборен процес, ОБСЕ и ОДИХР да го оцени како фер, слободен и демократски? И колку овие законски правила го гарантирата тоа?

АРЕНС: Изборите се комплексен процес. Многу ретко сликата е само црна или бела. Ние разбираме дека постои интерес за сумирање на проценката во една едноставна формула, меѓутоа секогаш се обидуваме во нашата проценка да дадеме должно внимание на комплексноста на процесот и избегнуваме такви поедноставувачки фрази. Поради тоа нашата проценка ќе ги признае позитивните аспекти и исто така ќе ги истакне недостатоците. Правната рамка е еден од оние аспекти на процесот кој ние ќе го оценуваме.

ПРЕС24:  На изборачкиот список се уште некои политички партии гледаат со недоверба. Која е Вашата препорака, како да се дојде со чист избирачки список?

АРЕНС: Финалните извештаи од претходните набљудувачки мисии на ОДИХР содржеа препораки за подобрување на точноста на Избирачкиот список, и сите овие извештаи се јавни. Прашањето за точноста на Избирачкиот список е сигурно едно од прашањата кои ќе бидат покриени во оценката на овие избори и финалниот извештај ќе содржи препораки (во овој дел), доколку проценката открие начини на кои тоа може да се подобри.

ПРЕС24:  И на овие избори ќе биде мал бројот на гласачи во дијаспората. Што Вие препорачувате за овој дел од изборниот процес?

АРЕНС: Повторно, финалните извештаи на ОДИХР содржат препораки и по ова прашање, така што тие препораки им се познати на сите учесници во изборниот процес. Било какви други препораки кои ОДИХР би ги понудил мора да се засноваат на набљудување на овие избори – до крајот на самиот изборен процес, и ќе бидат вклучени во финалниот извештај за овие избори.

ПРЕС24:  Како ја оценувате полтичката состојба во Македонија?

АРЕНС: Целта на набљудувачката мисија на изборите не е да ја оценува политичката ситуација во било која земја, туку да ги оцени изборите во однос на исполнувањето на заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори.

ПРЕС24:  Ве загрижуваат ли најавите на ДУИ дека нема да го признае легитимитетот на идниот Претседател, бидеќи не е реалзирана идејата за консензуален претседател?

АРЕНС: Она што е важно да се разбере е дека нашиот фокус не е на резултатите од изборниот процес – кој победил, кој изгубил, кои се можните политички последици – затоа што тоа се, најголемиот дел од истите, прашања за гласачите и граѓаните на земјата. Нашиот фокус е на процесот и како истиот ги исполнува стандардите кои веќе ги напоменав неколку пати претходно, со цел да се помогне за подобрување на процесот за да истиот ги служи подобро гласачите и граѓаните.

ПРЕС24:  Можно ли е ова да прерасне во политичка криза?

АРЕНС: Тоа не е прашање за нас. Наместо да оценуваме што би се случило или што не би се случило политички, ние сме овде да го набљудуваме она што се случува во изборниот процес и дури тогаш да го оцениме тој процес.

ПРЕС24:  Иако можеби не сте правеле некои посебни анализи, сепак се погалсно се зборува за промена на изборниот систем за избор на Претседател на државата, наместо на непосредни избори, тој да се избира во Парламентот. Имате ли каков било коментар за овие најави?

 

АРЕНС: Претседатели на држави, претседатели на влади и парламенти се избираат на различни начини во различни држави членки на ОБСЕ и не постои еден пристап кој може да се смета за подобар или полош. Тоа е избор на земјата членка и нејзините граѓани. Во однос на ОБСЕ, она што е важно е избраниот начин, и како тој всушност функционира, да биде во согласност со основните заложби за демократско владеење и демократски избори. 

14.03.2014 - 11:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега