Иванов ќе открие дали ќе се кандидира за уште еден мандат

 

Во текот на денешниот ден се очекува претседателот Ѓорге Иванов да се изјасни по поднесената иницијатива од група интелектуалци за негова кандидатура за уште еден претседателски мандат, пишува МИА повикувајќи се на информации од Кабинетот на Иванов.

Иницијативата ја потпишаа над 50-тина интелектуалци, доктори, академици, свештени лица од повеќе религиозни заедници и од спортисти.

Од ВМРО-ДПМНЕ, потврдија дека кај нив е доставена иницијативата, но, дека Иванов се уште не се изјаснил во однос на неа.

Според информациите кои ги објави Канал 5, меѓу потписниците се нашле и вицепремиерот Зоран Ставрески, градоначалниците на Скопје Коце Трајановски, на Аеродром Ивица Коневски, на Прилеп Марјан Ристески, пратеникот Антонио Милошоски, доктор Весна Јаневска, директорот на УЈП Горан Трајковски, Ашим Зекировски, градоначалниците на Охрид Никола Бакрачески, на Кисела Вода Биљана Беличанец – Алексиќ и на Македонска Каменица Дарко Митевски и Владимир Неловски од УМС на ВМРО ДПМНЕ.

Потписниците бараат од ВМРО-ДПМНЕ Иванов да ја добие партиската поддршка на конвенцијата закажана за 1 март на која ќе биде избран претседателскиот кандидат за претстојните претседателски избори.

На списокот за поддршка се потпишале и докторите Александар Шиколе и Михаил Пенев, музичарот Гарабет Тавитијан, уметниците Зоран Љутков, Игор Стојчевски, Роберт Вељановски, Рубенс Муратовски, Валентин Светозарев, како и Татјана Баевска Вучковиќ, Ленче Неловска, Гордана Петрушевска и други.

ВМРО-ДПМНЕ веќе го објави и списокот на сите делегати за претстојната Конвенција. Во согласност со одлуките на Извршниот и Централниот комитет на партијата, вкупниотброј на делегатите е 1.300.

Рокот за пријавување кандидати за претседател е до среда до 20 часот. Досега до партијата се пристигнати кандидатурата од професорот Јове Кекеновски и иницијативата за кандидирање на актуелниот претседател Ѓорге Иванов.

Според предложениот Деловник за работа на Конвенцијата, ќе се спроведе тајно, демократско и непосредно гласање на делегатите. За избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата ќе биде оној кој во првиот круг на гласање добил најмногу гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број на гласови во првиот круг на гласање, ќе се спроведе и втор круг меѓу двајца кандидати кои добиле најголем број на гласови во првиот круг од гласањето. 

25.02.2014 - 08:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега