O Нил: Македонија да бара прием во ОН под уставно име
Македонија ги исполнува двата услови за да биде членка на НАТО, согласно формалната позиција на Алијансата дека членството е отворено за која било европска држава во позиција да ги унапреди принципите на договорот и да придонесе за безбедноста на северноатлантската област. Доколку не биде примена во НАТО на следниот Самит, Македонија треба да бара прием во ОН под уставното име, вели Робин О Нил амбасадор и прв медијатор во грчко македонскиот спор околу името во интервју за ТВ Сонце.
Затоа, според О Нил, македонската Влада треба да лобира кај сите членки на НАТО и да ги замоли да прифатат дека во оваа работа, тие треба да бидат подготвени да дејствуваат со консензус, дури и со еден член со приговори, и да се прими Македонија во членство на Алијансата на следниот состанок на Самитот на НАТО, во Обединетото Кралство, во септември.
Во врска со посетата на премиерот Никола Груевски и говорот пред Северноатлантскиот совет (САС) на 12 февруари, О Нил вели дека е важно што премиерот ја потсетил Алијансата на важноста на брзиот прием на Македонија во Алијансата.
- Не знам навистина што се случи на состанокот на Советот на НАТО, но постојат две точки од прес-конференцијата, која премиерот ја одржа со Генералниот секретар на НАТО, Адрес Фог Расмусен, на која би сакал да коментирам. Прво, генералниот секретар изрази почит на придонесот што Македонија веќе го прави за НАТО, како на теренот во операциите на НАТО во Авганистан и во обезбедување на линии на комуникациите за НАТО во Косово. Тој јасно потврди дека Македонија веќе фактички игра целосна улога во НАТО, иако таа не е формално членка, вели Робин О Нил за ТВ Сонце.
Според О Нил важно е и тоа што Расмусен ја повторил формалната позицијата на НАТО за Македонија со цитирање на заклучоците на министерскиот состанок на Северноатлантскиот совет во 2008 година, повторени, како што вели и во 2011 година дека „сите членки на НАТО донеле одлука да чекаат за заемно прифатливо решение за прашањето за името“, дека НАТО „прави потези со консензус“, како и дека „пресудата на Меѓународниот суд на правдата не влијае на одлуката донесена од страна на Северноатлантскиот совет во Букурешт во 2008 година“.
- Ние не треба да биде изненадени дека генералниот секретар зборуваше со вакви термини. Тој не е претседател на НАТО или лицето кое креира политика. Тој е само службеник на НАТО, и не можеше на 12 февруари да оди подалеку, од само да ја повтори формалната позиција на Алијансата како што е договорено од страна на неговите министри во Букурешт. Но, вредно е да се потсетиме на формалната позицијата на НАТО во врска со прием на нови членови. Тоа е дека, и повторно цитирам, „членството е отворено за која било друга европска држава во позиција да ги унапреди принципите на овој договор и да придонесе за безбедноста на северноатлантската област“. Сега Македонија сосема јасно ги исполнува и двата овие услови, и навистина веќе придонесува за безбедноста на НАТО преку својата посветеност на теренот во операциите на НАТО. И според мене, политиката на НАТО на постапување преку консензус не мора да биде секогаш како барање за едногласност, и мислам дека НАТО во минатото дејствувал и во случаите каде што постоеше консензус во корист на одредена акција, иако некои земји-членки не беа подготвени да одат заедно со него, истакнува амбасадорот О Нил.
Тој вели дека доколку имало спор меѓу Македонија и Грција кој би претставувал воена закана за безбедноста на Грција, се разбира Алијансата нема да размислувала да ја прими Македонија за членство се додека таа закана не биде отстранета.
- Но, тоа не е случај овде, дури и Грција мора да го признае ова. Единствениот спор меѓу двете земји е политички, каде што Грција се обидува - преку она што таа тврди дека е право на вето врз приемот на Македонија во НАТО и во ЕУ- да ја натера Македонија да го смени името, која има право да користи според меѓународното право. Мислам дека Владата на Република Македонија треба да продолжи да ја кажува оваа поента на сите членки на НАТО и да ги замоли да прифатат дека во оваа работа, тие треба да бидат подготвени да дејствуваат со консензус, дури и со еден член со приговори, и да се прими Македонија во членство на Алијансата на следниот состанок на Самитот на НАТО, во Обединетото Кралство, во септември. Би било доста апсурдно на тој состанок да се прими Црна Гора во НАТО, а да продолжи да се исклучува Македонија. Ова прашање можеби треба да се спомне особено на владата на Обединетото Кралство, која што ќе биде домаќин на оваа средба на НАТО Самитот, посочува во интервјуто Робин О Нил.
Во врска со одредени информации поврзани со разузнавачкиот извештај за настаните на Западен Балкан, презентиран пред Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат, од страна директорот на Националното разузнавање, Џејмс Клапер, кој е критичен за политиката на Македонија во однос на спорот со Грција, околу името на Македонија, и оти земјава треба да го промени името за да може да продложи со евроатланските интеграции, О Нил вели дека не го има погледнато во целост Извештајот, но оти доколу информациите се точни тој таквиот извештај би го осудил.
- Целта на разузнавачките проценки, како што е оваа, е да ги анализира фактите на ситуацијата, не да креира политика, ниту за САД ниту за која било друга земја. Извештајот може да заклучи дека постојаниот спор со Грција околу името на Македонија, повеќе од 20 години, ги зголеми етничките тензии и национализмот, во Грција, дури и повеќе, отколку во Македонија. Но, не е коректно за тимот на разузнавачки аналитичари, без надлежност во прашањата на политиката, потоа да открива како спорот треба да се реши, очигледно според нивното мнение, со прифаќање на барањата на Грција, без разлика што се тие. Тоа го велам, бидејќи по овие 20 години Грција никогаш нема предложено сериозна алтернатива за името на Република Македонија, вели О Нил.
Коментирајќи ја неодамнешната посета на вицепремиерот и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос на Македонија, посочува оти тој има земено нова и уште потешка линија за нормализирање на односите со Македонија од кога било досега, што се однесува до прашањето за името и членство на Македонија во НАТО и ЕУ.
- Вистината е дека Грција не сака решение на прашањето за името, бидејќи таа знае дека единственото можно решение е финално признавање на Република Македонија под нејзиното правилно и легално име: Република Македонија. Затоа Грција прави сè што може, и тоа за повеќе од 20 години, да нема завршување на овој спор. Причината е едноставно дека секоја грчка влада стравува дека да се прифати решение, ќе ја направи непопуларна дома. Грција вели дека единствен начин да се реши прашањето за името е да се продолжи со разговорите под покровителство на Обединетите нации, преку посредникот Метју Нимиц. Но и таму, и во целиот периодот пред Нимиц, Грција никогаш не преговара сериозно за прашањето за името со предлагање на било каков реален предлог, иако последователни македонски влади биле подготвени да бараат компромис, вели абасадорот и првиот посредник во спорот.
Во НАТО и во ЕУ сега откако, како што вели, Грција мора да се соочи со заложбата од Времената спогодба, да не го блокира влезот на Македонија во овие организации, ако спорот околу името беше оставено само на една страна, сега грчката влада става свежи пречки.
- Венизелос зборуваше за внатрешните политички услови за кои рече дека Македонија мора да ги исполни, пред да може да биде примена во ЕУ и за проблемот на добрососедските односи. Но првото од овие прашања е испитано исцрпно во минатото, и Комисијата на ЕУ рече дека нема пречка за почеток на преговорите со Македонија. И прашањето за добрососедски односи беше решено пред многу години со спогодбата помеѓу двете држави. Ако овие тактики за одложување се чини дека стануваат тенки, следниот аргумент на грчката влада ќе биде дека ако се согласат на решение на прашањето за името, тоа ќе доведе до катастрофален пораз за главните политички партии во Грција, и до триумфот на радикалните партии, кои би ја загрозиле стабилноста (за да ги загрижат САД) и отплата на долгови на Грција (да се грижи Германија). Според моето мислење, спротивното е точно. Решението на овој сосема вештачки спор ќе биде добро за демократијата во Грција, и кога тоа ќе биде решено, Грција ќе има корист и на економски план, истакнува Робин О Нил.
Според него, коментарите на министерот за надворешни работи Никола Попоски и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за посетата на Венизелос се многу мудри.
- Македонија треба да продолжи, да бара, да се направи напредок, да ја покаже својата добра волја и подготвеност да се најде решение, а во исто време да се обидува да ги убеди владите на земјите- членки на НАТО и на ЕУ, да ја примат Македонија во НАТО и да се отворат паралелно преговори за членство во ЕУ. Но, ако во септември Грција се уште продолжува да се противи на приемот на Македонија во НАТО, мојот многу силен совет е дека Владата на Македонија, тогаш треба да оди во Обединетите нации и да бара резолуција од Генералното собрание за признавањето на Македонија под нејзиното правно име во меѓународното право, како Република Македонија. Аргументите би биле, дека Грција имаше одбивано, во текот на еден период од повеќе од 20 години, да преговара сериозно околу прашањето на името, и дека употребата на Македонија на своето законско име за тоа време не предизвикало, никаква штета ниту за стабилноста во Грција или во Балканскиот регион. Во случај, потоа, обиди да се направат да се вклучи Советот за безбедност, ќе биде важно да се добие поддршка и можеби помош од Русија, а исто така од Кина, вели О Нил.
Тој не смета оти ова ќе ја направи влоши нашата ситуација во однос на НАТО и ЕУ.
- Сепак, Грција, постигнувањето напредок во двете организации, го прави невозможно во моментов. Откако ОН ќе ја признаат Македонија под нејзиното уствно, другите земји -членки на НАТО и ЕУ, ќе бидат во многу посилна позиција, да ја притиснат Грција, да се сложи, да го промени својот став, или, пак, навистина, да се оди напред без согласност на Грција, посочува амбасадорот Робин О Нил за Тв Сонце.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа