Трајановски се сретна со Аиво Орав

 

Денеска, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, оствари средба со шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Аиво Орав.

Од Град Скопје информираат дека Трајановски и Орав разговарале за одличната досегашна соработка на повеќе полиња од кои, како што рекол градоначалникот, поважни се договорот што Градот Скопје го потпиша со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за кредит во вредност од 5,6 милиони евра кои Градот Скопје ги користи за модернизација на контролата на сообраќајот и за реконструкција на улицата „Првомајска“, една од клучните сообраќајници во Скопје.

Финансирањето на ЕБОР, стои во соопштението, се надоврзува на програмата на ЦИВИТАС „Renaissance“, финансиран од ЕУ со која се иницираше модернизацијата на сообраќајниот систем во Скопје, што има за цел да обезбеди безбедност во сообраќајот, како за возачите така и за пешаците во главниот град на Македонија, но ќе го намали времето на патување, како и загадувањето. Согласно со Договорот склучен меѓу Градот Скопје и делегацијата на Советот на ЕУ во Македонија, а со средства добиени од ИПА Програмата на ЕУ во износ од 35.000.000 денари (околу 570.000 евра),  по претходно изготвен изведбен проект, беше завршена реконструкција на покривот на Младинскиот културен центар-Скопје, како и реконструкција на надворешна фасада и поставување на современа термоенергетска фасада, со замена на постојните прозори и надворешни врати, како и реконстуркција на санитарните јазли и тоалетите.

На средбата, градоначалникот Трајановски и евроамбасадорот Орав се заложија за продолжување на соработката и одржување на добрите меѓусебни релации. Орав ја искористи можноста да му го честита на Трајановски реизборот за градоначалник, стои во соопштението. 

ФОТО: Денешен