Поучна приказна- ако некој дојде со подарок кај тебе и ти не го прифатиш, чиј е подарокот?
Уште една приказна која ќе ве научи на некои работи за животот, ова вреди да се прочита.
„Во Токио живеел еден голем самурај кој бил веќе стар и се повлекол за да воспитува млади ученици. Но и покрај возраста се ширеле гласини дека тој е непобедлив.
Еден ден, еден воин познат по апсолутното отсуство на морал дошол кај него. Воинот бил познат по користењето на техниките на провокација: чекал противникот да го направи првиот чекор, извлекувал полза од направената грешка и веднаш напаѓал. Младиот и неспокоен воин никогаш не изгубил битка. Знаејќи ја репутацијата на самурајот отишол со цел да го победи и да се прослави.
Сите ученици протестирале против идејата, но старецот го прифатил предизвикот…
Сите излегле на плоштадот и младиот воин почнал да го навредува стариот учител. Фрлил неколку камења по него, го плукнал во лице, навредувајќи го него и неговите предци…направил се со цел да го испровоцира, но старецот бил воздржан.
Изморен и понижен младиот воин бил принуден да се повлече. Вознемирени од фактот дека нивниот учител не би требало да трпи толку навреди учениците го прашале:
- Како можевте да го поднесете тоа? Зошто не влеговте во двобој, па макар и да ја изгубевте битката, наместо со вашите постапки да ни ја покажете својата слабост и страв?
- Ако некој дојде со подарок кај тебе и ти не го прифатиш, чиј е подарокот?
-На оној што го донесол – одговорил еден од учениците.
- Па, истото важи и за зависта, гневот и навредите – рекол учителот
Извор: Попара
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа