МВР подготвено за претстојните претседателски избори

 

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска информираше дека МВР е подготвено за претстојните претседателски избори. 

Јанкулоска информира дека согласно одредбите од Изборниот законик, МВР до ДИК во криптирана форма ги доставила податоците со кои располага во своите бази за ажурирање на Избирачкиот список. Веќе е формиран и Оперативен штаб кој треба да ги испланира и реализира сите активности во рамки на изборите, а кои, како што посочи таа, ќе бидат поделени во три фази и тоа предизборен период кој ја вклучува и кампањата, денот на изборите и периодот по затворање на гласачките места. во целост е подготвен и Одделот за обезбедување кој има обврска на сите кандидати за претседател на државата чија кандидатура ќе биде официјализирана од ДИК да им понуди соодветна заштита во текот на предизборната кампања. 

Министерката потенцира дека посебно внимание ќе се обрне на доследно почитување на членот 128 од Законот за внатрешни работи според кој надвор од работното време полициските службеници не смеат да се стават во функција на политичките партии заради вршење предизборни и изборни нерегуларности, да не го нарушуваат јавниот ред и мир и угледот на Министерството и да се воздржуваат од какви било провокации на активисти на политички партии.

- Секое спротивно однесување нема да се толерира и ќе повлече најстроги дисциплински мерки согласно колективниот договор на МВР и важечките закони. Вработените во Секторот за внатрешна контрола ќе постапуваат по сите претставки, а на денот на изборите ќе бидат распоредени во секторите за внатрешни работи. За секое примено известување за незаконско или непрофесионално постапување на полициските службеници припадниците на Секторот веднаш ќе излезат на самото место со цел констатирање на фактичката состојба и преземање соодветни мерки, подвлече првиот човек на МВР.

Според Јанкулоска, МВР очекува  добра и искрена соработка со политичките партии и останатите институции задолжени за непречено одвивање на изборниот процес пред се во интерес на граѓаните.

 

05.02.2014 - 12:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега