Попоски на министерска сесија во Советот на Европа

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска учествуваше на 123-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа.

 Во фокусот на оваа сесија посебен акцент бил ставен на активностите на Советот на Европа во  обезбедување долгорочна ефикасност на Европската конвенција за човекови права, политиката кон соседните региони и соработката со Европската Унија.

 

 Во своето обраќање, информираат од МНР, министерот Попоски се осврнал на реформите и идното делување на Советот на Европа.  Во тој контекст ја истакнал потребата од прилагодување на активностите на Организацијата во насока на изнаоѓање на одговор на бројните предизвици со кои се соочуваат граѓаните во Европа, кои произлегуваат од  растечката економска криза, недовербата во  институциите и растот на екстремизмот. Во таа насока министерот Попоски изразил целосна поддршка на настојувањата на Генералниот Секретар Јагланд за зголемување на ефикасноста на механизмите за мониторинг,  со цел зајакнување на влијанието на активностите на Советот на Европа.  

 -Министерот Попоски оствари и средба со Комесарот за човекови права на Советот на Европа Нилс Муижниекс,  при што стана збор за состојбата на човековите права во регионот, проблемите со миграцијата, како и заложбите на нашата земја во исполнување на препораките дадени во извештајот на Комесарот после неговата минатогодишната посета на Република Македонија. Беше истакнато дека Република Македонија има направено значаен напредок во подобрувањето на условите за заштита на индивидуалните и колективни човекови права и слободи, стои во соопштението на Министерството.

 За време на министерската сесија министерот Попоски остварил одделни средби и со  Лусинда Крејтон, министер за европски прашања на Ирска, актуелниот претседавач со ЕУ , министрите за надворешни работи на Кралството Холандија, Франс Тимерманс и Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн,  како и со министерката  за европски прашања на  Кралството Шведска, Бригита Олсон. 

 На средбите станало збор за очекувањата на Република Македонија за определување на датум за почеток на преговори на престојниот Самит на ЕУ во јуни 2013 год.  Министерот Попоски ги повторил македонските заложби за  целосно  исполнување на реформите од европската агенда, како и за унапредување на билатералната соработка и добрососедските односи.

ФОТО: mfa.gov.mk

најчитано сега