Генерал-мајор Котески во посета на Осло

 

Началникот на Генералштабот (НГШ) на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески од денеска престојува во дводневна официјална посета на Вооружените сили (ВС) на Кралството Норвешка, каде домаќин ќе му биде началникот на ГШ на ВС на Кралството Норвешка, генерал Харалд Сунде.

Како што соопшти денеска МО, ова е прва официјална посета на началник на Генералштабот на АРМ на Вооружените сили на Кралството Норвешка.

АРМ има развиено одлична соработка со ВС на Кралството Норвешка која во изминатите години се одвива на повеќе полиња. Во Осло, стои во соопштението, е разговарано за поддршката од ВС на Кралството Норвешка кон АРМ во развојот и формирањето на балканските Воено-медицински сили при што штабот на овие сили би бил сместен во Република Македонија како дел од проектот „Паметна одбрана“ и поддршката за проектот за полската болница (Роле 2) со донација за воено медицинска обука во вредност од околу 2 милиони евра.

Вооружените сили на Кралството Норвешка го поддржуваат и развојот на Регионалниот тренинг центар за комуникации и иницијативата за негово прераснување во НАТО/ПзМ центар за обука во медиа тренинг, како и продолжување на поддршката за проектот „Лепеза“.

Во периодот од  2008 до 2012 година, во рамки на норвешката полска болница во Мејмана, Авганистан, која е дел од мисијата ИСАФ, беше распореден хируршки тим на АРМ кој успешно ги извршуваше задачите заедно со норвешките колеги.

Вооружените сили на Кралството Норвешка искрено ја поддржуваат АРМ во нејзината аспирација за членство во НАТО.

Кралството Норвешка на АРМ и донираше една комплетна Лесна маневарска полска болница во вредност од околу 2,5 милиони евра, софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема во вредност од 57.000 евра, како и менторирање и финансиска поддршка на проектот „Лепеза“. 

ФОТО: Денешен

најчитано сега