Македонски текстилни компании на средби со европски увозници
Oсум македонски компании од текстилната индустрија денеска во Копенхаген ќе остварат средба со фирми од Северна Европа, на која ќе имаат можност да ги презентираат своите производи и услуги.
Европските увозници ќе можат да се запознаат и воспостават деловни партнерства со македонските текстилни компании: „Албатрос“, „Еуросолид“, „Виеми“, „Алекс“, „Верамонд“, „Алзама“, „Линеа“ и „АСМ“. Нивни претставници утре ќе го посетат Меѓународниот саем за мода во Копенхаген. На саемот, најголем од овој вид во Северна Европа, на површина од 40.000 метри квадратни се претставуваат безброј брендови.
Средбите се организирани од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (InvestMacedonia) заедно со Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот (IDEAS), Швајцарската програма за промоција (SIPPO) и Текстилно трговско здружение на Македонија.
- Целта на деловните средби е презентација на македонските фирми пред европскиот пазар, воспоставување директни контакти и преговори со потенцијални купувачи, обезбедување корисни информации во однос на пазарните трендови, конкурентноста, технологијата и цените. Средбата ќе овозможи и подобро позиционирање на македонските фирми на меѓународните пазари, соопштуваат од Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот (IDEAS).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа