Со 90 милиони денари Владата ќе ги развива рибарството и аквакултурата

 

Владиниот потпарол Александар Ѓеорѓиев денеска информираше дека Владата ќе издвои 90 милиони денари за годинашната програма за рибарство и аквакултура. Од оваа сума, 21,6 милиони денари ќе бидат наменети за рибарство, а 64 милиони денари за аквакултура.

Владиниот потпарол денеска оцени дека на овој начин не само што ќе се придонесе за развој во економијата во езерските региони или регионите околу водните текови, туку  и ќе се придонесе и во подобрувањето на условите во животната средина.

Еден милион денари ќе бидат одвоени и како поддршка за изградба на специфичните мандри во Дојранското Езеро, а останатите средства од потпрограмата рибарство ќе бидат наменети за порибување на Преспанското и Дојранското езеро.

Во однос на аквакултурата со годинашната Програма планирано е да бидат издвоени 19,5 милиони денари за изградба и реконструкција на рибниците во државата и за набавка на опрема, а 30 милиони денари ќе бидат поддршка за порибителен материјал во специјализираните рибници, додека за субвенционирањето за произведена и продадена риба годинава ќе бидат одвоени 15 милиони денари, односно со 20 денари по килограм ќе се субвенционира рибата од видот пастрмка, а со по 10 денари сите останатите видови риби кои се опфатени со програмата за аквакултура.

Ѓорѓиев потенцираше дека овие податоци говорат за квалитетот на програмата со која се овозможуваат подобри услови во оваа дејност и се отвораат нови работни места.

28.01.2014 - 13:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега