Македонските пратеници ги прифатија измените на Кривичниот законик
Пратениците денеска ги прифатија измените на Кривичниот законик во прво читање. Со нив се предвидува воведување на правилник за одмерување на казните, кој ќе го донесе претседателот на Врховниот суд со учество и по обезбедено мислење од Јавното обвинителство и од Адвокатската комора.
Овие измени ќе стапат во сила во рок од 30 дена. Надлежните очекуваат дека со воведувањето на правилникот ќе се обезбеди објективен и правичен систем на политиката за санкционирање и воедначување на санкциите на целата територија на државата.
Заменик-министреката за правда Билјана Бришковка-Бошковски појасни дека досегашните анализи и истражувања покажале оти во рамки на изрекувањето кривични санкции се забележани определени аномалии и недоследности кои ги ставаат граѓаните во нееднаква положба пред законот, пред судовите.
При изготвувањето на правилникот, како што појасни, користени се искуства од Соединетите Американски Држави.
За опозицијата понуденото законско решение е спротивно на законот и на Уставот и со него се дерогира законот. Измените, оцени опозицијата, се удар врз незавиноста на судството и омаловажување на судиите кои работат по кривичните предмети.
Ана Павловска - Данева од СДСМ рече дека нема да дадат поддршка на измените на Кривичниот законик затоа што со нив му се налага на судијата да не суди по закон, туку по правилник. Забележа дека измените се направени без организирање на поопсежна јавна расправа и посочи дека не може да се користат искуствата од Америка затоа што Македонија има дијаметрално спротивен систем од американскиот.
Според Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ, со правилникот се прави рамка и во него нема фиксни висини на казните, туку има распон на казните.
Пратениците ја почнаа и расправата по измените на Законот за филмска дејност, кој треба да се донесе по скратена постапка. За оваа точка од дневниот ред ќе се гласа на седница во понеделник.
Министерката Елизабета Канческа-Милевска образложи дека измените се направени по иницијатива на Асоцијацијата на спортски облоувалници на Македонија и на кабелските оператори.
- Процентот кој кабелските оператори треба да го платат на Агенцијата за филм од 2,5 проценти се намалува на еден процент, процентот на интернет услуги се намалува од 2,5 проценти на еден процент, а процентот од дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови се намалува од три на два проценти, појасни Канческа-Милевска.
Исто така се намалува и процентот од 1,1 на 0,9 кој треба да го плаќаат телевизиските оператори од вкупните приходи.
Гордан Георгиев од СДСМ забележа дека измените на законот се нудат без потреба по скратена постапка и без организирана јавна расправа. Со нив, смета Георгиев, индиректно ќе се влијае врз финансикото работење на одредени медиуми затоа што тие ќе треба да плаќаат одреден процент од вкупните приходи за филмскиот фонд
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа