Владата ги усвои Законите за стечајците и војниците - пратениците се на потег
Владата ги усвои законските решенија за стечајците и професионалните војници со кои се решава проблемот на околу 7.000 лица. Предлозите се испратени на усвојување во Собранието и се очекува да бидат донесени во многу краток рок.
- Како што ветивме, Владата на вчерашната седница ги усвои измените кои се однесуваат на законите за материјално обезбедување на лицата кои останале невработени како резултат на приватизацијата на државните компании и законските измени на Законот за служба во АРМ, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Со законското решение за стечајците, објасни Ѓорѓиев, се подигнува границата од постоечкиот закон од 2004 година на 31 декември 2013 година, кој е новиот рок во кој сите оние лица кои останале невработени како резултат на приватизација на компанија кои биле во државна или доминантна државна сопственост сега ќе може да бидат материјално обезбедени со добивање на околу 7.100 денари месечен надомест.
Граѓаните кои ги исполнуваат условите, ќе може да ги поднесуваат барањата во рок од триесетина дена откако ќе се донесе законот. Барањата ќе се поднесуваат до Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Во однос на законското решение за професионалните војници, Ѓорѓиев посочи дека Владата, како што вети, предвиде сите војници по навршување на 45 години старост ќе бидат преземени во други државни органи.
ТОј истакна дека се направени уште две квалитативни подобрувања во однос на она што беше најавено, што, како што рече, значат полна сигурност на професионалните војници дека ова нивно право ќе биде овозможено.
Владиниот портпарол објасни дека министерот за одбрана ќе има обврска, шест месеци пред војникот да наполни 45 години, да ги преземе сите активности за да може професионалниот војник веднаш кога ќе наполни 45 години да биде прераспределен во друга служба, односно да нема ниту еден ден застој во неговиот работен однос.
- Сите постапки ќе бидат преземени во текот на тие шест месеци пред да наполни 45 години и во моментот на неговиот роденден професионалниот војник директно од следниот ден тргнува на работа во друга служба во која ќе биде преземен врз основа на законот, рече Ѓорѓиев.
Второто подобрување, додаде, се однесува на тоа дека министерот задолжително во тековната година ќе подготвува план за преземеање, за прераспределување на војниците за следната година. Доколку не го донесе тој план предвидени се санкции.
- Ова значи дека овој закон ќе ја има својата полна правна сила и нема да зависи од политичките гарнитури кои се на власт, туку ќе остане како трајно право за професионалните војници во Република Македонија, истакна владиниот портпарол.
Владините предлози се испратени до македонското Собрание и се очекува да бидат донесени во најбрз можен рок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа