Георгиевски:„Спорот со Грција никој од нас не го измисли и не може никој сам да го реши“
За брз компромис со Грција во однос на прашањето за името за деблокирање на евроинтеграцискиот процес, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски побара единство од политичарите во Македонија.
„Формалниот почеток на преговори на Србија за членство во ЕУ треба да биде последен аларм за Македонија, која треба да постигне единство во државата и, конечно, да го реши проблемот со името, со што ќе се деблокира евроинтеграцискиот процес. Србија треба да ни биде пример, од аспект на државотворноста на нејзиното раководство за кое државниот е поважен од партискиот и личниот интерес, рече Георгиевски на денешната партиска прес-конференција.
Тој побара од политичарите, особено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да стават крај на, како што рече, „губитничката политика на наводна одбрана на името, која Македонија ја остави на опашката во регионот, кога е во прашање евроинтеграцискиот процес“.
Георгиевски потсети дека во 2001 година кога Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, Црна Гора не беше ни држава, а денеска преговара со ЕУ, Хрватска беше зад нас, а сега е членка на ЕУ и на НАТО, Косово не беше држава, а во евроинтеграцискиот процес веќе не стигна, Србија никој не ја ни споменуваше, а денес ги почна преговорите за членство во ЕУ.
„Нам ни треба единство за брз компромис и брзо зачленување во ЕУ и во НАТО. Спорот со Грција никој од нас не го измисли и не може никој сам да го реши. Ако заедно не го решиме, никој отстрана нема да дојде да го реши, порача Георгиевски и додаде дека не треба да има победници и губитници во решавањето на проблемот со името.
За него последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц „Горна Република Македонија“ е добра основа за решавање на проблемот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа