"Вечно ќе бидеме ваши должници" - 13 години од нападот на полициската станица во Теарце
Денеска беше одбележана 13 годишнината од нападот на полициската станица во Теарце каде за жал животот го загубија полицаецот Момир Стојановски, а ранети беа полицајците Лика Јахи, Борче Ѓуровски и Давор Евросимовски, кој почина пред неколку години.
- Загубата на Момир претставуваше наговестување на сето тоа што следуваше, период на криза како некои ја нарекуваа и голем број жртви, ранети и паднати бранители од сите краеви на Македонија. Вечно ќе бидеме нивни должници што се уште постоиме и се поцврсто опстојуваме на ова тло и најмалку што можеме да направиме за нив е да не дозволиме никогаш да заминат во заборав, рече в.д. претседателот на Одборот на бранители Светозар Ѓорѓевски.
Бранителите велат дека потребно е државата целосно да ги обештети семејствата на загинатите и ранети бранители, но и да преземе мерки за психолошка ресоцијализација на учесниците во судирите бранителите од една и припадниците на ОНА од друга страна.
- Ако сакаме да одиме напред државата треба овие работи да ги постави, да ги обештети семејствата на загинатите и ранети бранители и да направи психолошка ресоцијализација. Ова што сега се прави и се користи рамковниот договор за едната страна, а за другата, затоа сме ние тука да кажеме, нема апсолутно ништо, рече членот на Одборот на бранители, Ацо Стојановски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа