Се јави Ховит: Не барам двојазичност со присила!

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент денеска во Брисел ќе гласа за Резолуцијата за Република Македонија, пишува МИА. Но, известувачот за Македонија Ричард Ховит е под голем притисок по синоќешната расправа во Европарламентот да ги исфрли деловите од сопствените компромисни амандмани во кои бара воведување на двојазичност во земјата и споменува постоење на некаков вид на ултранационализам.

Тој во кусо интервју за МИА, објаснува што сакал со посочените амандмани и што може да се очекува во финалната верзија на Резолуцијата за Македонија, за која идниот месец ќе се гласа и на пленарна седница во Стразбур од страна на сите европратеници.

За тоа, зошто направил толкав број на измени во предлог резолуцијата, кои предизвикуваат збунетост, Ховит вели:

- Има три поенти. Прво, имаше стриктно ограничување на зборовите во ЕП, а многу прашања за кои сакав да пишувам, беше невозможно да се стават во првичниот текст. Целосно нормално за известувач е да додаде она што сакал да го каже во амандманите и некои од нив беа користени за да се пофали она што општините во земјата го прават во борбата со корупцијата и каде има прогрес, вклучително и групациите од граѓанското општество. Многу позитивни изјави, но немаше простор во оригиналната презентација на предлогот, едноставно поради бирократските административни правила на ЕП. Едноставно ги задржав за подоцна, да ги доставам во амандманите.

Второ, се разбира дека ова беа компромисни амандмани и истите се нови оти се одговор на повеќе од 170 различни амандмани поднесени од моите колеги. Се разбира, тие ја вклучија и дискусијата за некои чувствителни прашања. Се што сакам да кажам е дека имаше едногласен договор меѓу политичките групи во Европарламентот, меѓу мене како известувач со известувачите во сенка од другите групи во ЕП и не верувам дека интенцијата на сите со компромисните амандмани беше да се создаде конфузија и провокација на било-каков начин.

Трето, за специфичните поенти кои беа покренати и за кои се дискутираше на вчерашната расправа во АФЕТ. За двојазичноста, тоа е промовирање на идеја без присила. Само кажуваме дека за такво нешто треба да се размисли. Тоа не е причина за предизвикување на некаков вид на збунетост во земјата. Јас стојам зад тоа дека текстот е јасен и погрешно се толкува. Во политиката треба да слушате што говорат луѓето и ако има недоразбирање, тогаш тоа ќе го поправиме преку орални амандмани.

Слично е и она со ултранационализмот. Текстот е екстремно јасен и тоа на никаков начин не се однесува на земјата или на некој во земјата, туку се однесува на принципите на политиката на проширување на ЕУ и стојам зад тој збор и ако некој намерно погрешно го толкува не и чини услуга на земјата и не гледам никаква забуна во ова, вели Ховит за МИА.

ХОвит тврди дека употребата на зборовите кои предизвикаа реакции, е всушност резултат на сугестиите на групата на „зелените“во ЕП. 

 

- На прашањето зошто ги употребив овие зборови, одговорот е оти групата на „зелените” во ЕП ги дадоа сугестиите. Јас како известувач имам обврска да не ги отфрлам предлозите, туку да ги читам и да размислувам да ги вметнам во текстот. А, дали нивниот предлог е правилени и дали воопшто требаше да го дадат истиот, сепак тоа е нивно право и тоа го овозможува демократскиот парламент. За двојазичноста веќе објаснив, додека за ултранационализмот, според моите погледи, поголема штета ќе се нанесе ако им се каже на луѓето во земјата дека национализмот е погрешен оти мислам дека ќе се создаде поголема потенцијална збунетост меѓу тие луѓе кои изразуваат соодветен патриотизам, соодветна гордост во земјата, што може да се нарече национализам. Со прифаќање на тоа што е неприфатливо, што јас и групата на “зелените” го нарекуваме ултранационализам, мислам дека испраќа јасна порака дека соодветен патриотизам е прифатлив, но не и ултранационализмот на сите земји и така и се наведува. Не Македонија, туку секоја земја, вели Ховит, додавајќи дека никого не обвинува за ултранационализам! 

На прашање на МИА, дали преку амандмани ќе предложи воведување на двојазичност и во Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, земји кои имаат малцинство над 10%, или оваа „ексклузивност“ е само за Македонија, Ховит одговара:

- Прво, нема нешто во текстот, а и синоќа се обврзав на расправата кон сите што се побунија против овој збор, дека без никаков сомнеж се поставува некаква обврска или присила. Не можам да биде појасен. Тоа никогаш не беше намерата и немам намера дека треба да има двојазично образование со присила. Како што реков, овој предлог го дадоа „зелените” и тие можеби ќе излезат со друг предлог. Се што знам е дека во многу земји ширум светот, не само кај земјите-кандидати за членство во ЕУ, постои охрабрување за луѓето да учат различни јазици меѓу заедниците во земјата. Тоа се појавило многупати досега во извештаите на ЕП и не е специфично за оваа земја, туку е светски феномен и јас лично мислам дека е добро. Се работи за предлог, охрабрување и ништо повеќе.

На прашање на МИА дали сега ќе се обиде да ја врати употребата на официјалниот јазик на земјата во извештајот на Европарламентот или единствената придавка „македонски” ќе остане во однос на „македонските граѓани”, Ховит вели:

- Не реков каде придавката „македонски” ќе се појави. Не оти тоа го чувам како тајна, туку поради тоа што не го знам исходот од гласањето. Ако мојот процедурален текст помине, тогаш ќе ја има придавката „македонски” и силно очекувам тоа да се случи, за што ги поттикнувам и моите колеги. Ќе седнам и ќе се обидам да најдам најдобар начин за да се најде најдобро место истата да се најде во текстот.

 

 

21.01.2014 - 09:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега