Груевски: Со два закони до суштинска реформа во сите аспекти на јавниот сектор
Пред синдикатите во Домот на АРМ, денеска претседателот на Владата Никола Груевски се осврна на два битни закони со кои се прават револуционерни промени во областа на администрацијата.
- Овој закон обезбедува департизација и деполитизација на администрацијата и создавање стручна администрација која ќе биде сервис на граѓаните и компаниите. Во неа ќе се влегува и ќе се напредува единствено и исклучиво врз основа на личните способности, знаења и вештини на поединецот. И покрај сите обиди за девалвација на законот од страна на опозицијата, јас сум цврсто убеден дека со неговото стапување во сила суштински ќе се реформира оваа област и ќе се обезбедат многу придобивки за целото општество, нагласи премиерот Груевски.
Груевски појаснува дека со законот за вработени во јавен сектор и со Законот за административни службеници, ќе биде воспоставена законска рамка која ќе го регулира статусот на сите вработени во јавниот сектор, во кој ќебидат вклучени и службените лица со посебни овластувања, давателите на услуги од областа на здравството, образованието, културата и други дејности од јавен интерес, помошно техничкиот персонал, со посебен акцент на административните службеници.
- Со Законот за вработени во јавен сектор се гарантира еднаков пристап до работните места во јавниот сектор кој ќе се базира на принципите на стручност, компетентност, еднаков пристап и транспарентност, што ќе значи дека за секое работно место, било да се работи за хигиеничар, лекар, професор, државен службеник, полицец или друго работно место во јавна институција, под еднакви услови, врз основа на својата стручност и компетентност ќе може да аплицира и да биде примен секој граѓанин на Република Македонија, дециден е претседателот на Владата на Република Македонија.
Со новата законска рамка, подвлече Груевски, првпат ќе се воспостави целосен систем на управување со учинокот, кој ќе треба да овозможи мотивација на административните службеници за унапредување на нивната работа.
- Преку една целосно разработена транспраентна постапка во која наместо како досега да учествува само претпоставениот (шефот), ќе учествуваат и четири други колеги со кои службеникот соработувал, како и двајца оценувачи надвор од институцијата, кои ќе бидат граѓани во случаи каде службеникот има непосреден контакт со нив. Ќе се врши оценување на административните службеници, со тоа што на 5 проценти на службениците кои се оценети со највисока оценка ќи им биде даден бонус од една плата, додека последните 5 проценти најслабо оценети административни службеници ќе бидат санкционирни, образложи премиерот Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа