Се зголемува минималната загарантирана плата

 

До март 2016 година минималната загарантирана плата ќе се зголеми од сегашните 8.050 денари на 10.080 денари, најави премиерот Никола Груевски во своето обраќање пред претставници на синдикатите во Домот на АРМ.

Зголемувањето, објасни премиерот, ќе се изврши во тригодишна динамика почнувајќи од март 2014 година до март 2016 година, а со тоа директно ќе се зголемат примањата на околу 65.000 работници во Македонија.   

Според премиерот, од март 2014 година минималната плата ќе се покачи од сегашните 8.050 денари на 8.800 денари. Од март 2015 година минималната плата ќе изнесува 9.590 денари, а од март 2016 година 10.080 денари.

- Ова значи дека со закон работодавачите ќе бидат обврзани да ја зголемат платата на ниво еднакво или поголемо од минималната плата. Во дејностите каде досега заради спецификата на дејноста имаше посебна динамика на зголемување, а тоа се тектистилот и кожарството, минималната плата ќе се зголеми со соодветна динамика почнувајќи со платата исплатена за март 2014 година. Така што минималната плата за овие гранки ќе изнесува 7.500 денари за март 2014, за март 2015 ќе биде 8.050 денари, а од март 2016 година таа ќе биде 9000 денари, истакна премиерот.

Груевски додаде дека за овие гранки ќе има  дополнителни две години за приспособување и изедначување на платата со другите дејности. Во 2017 година минималната плата ќе изнесува 9.590 денари и во 2018 кога ќе достигне 1.080 денари.

За оваа мерка веќе се завршени неформални консултации со раководството на коморите и работодавачите и раководствата на синдикатите. Според премиерот, ова е голем успех на синдикалното движење во Република Македонија.

20.01.2014 - 12:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега