Трпчески викендов ја “запали“ Виена

 

Пијанистот Симон Трпчески во саботата и вчера, во Музикферајн во Виена, домот на Виенската филхармонија, го изведе Концертот за пијано и оркестар број 1 од Чајковски,  со оркестарот Тонкинстлер  на Долна Австрија, под водство на  рускиот диригент Михаил Јуровски.

- Навистина е возвишено чувството да се застане на сцената во една сала и во еден светски центар со огромна традиција во класичната музика. Луѓето кои доаѓаат овде знаат што слушаат и што бараат и имаат изграден вкус. Според реакциите во двапати полната Музикферајн, мислам дека концертите поминаа навистина многу убаво. Мило ми е за соработката со уште еден член од семејството Јуровски, диригентот Михаил, со кого направивме убава приказна во Концертот на Чајковски, заедно со Тонкинстлер оркестарот. Секако, многу ми е мило и што во една вака прекрасна сала прекрасно на бис прозвучи и македонската музика за која публиката навистина покажа ентузијазам да го прифати чувството што нашата музика го создава каде и да ја исполнувам и едноставно ги поткрева од седиштата, вели Трпчески за МРТ.

Инаку, диригентот Михаил Јуровски е татко на Владимир Јуровски, кој своевремено беше диригент на Лондонскиот филхармониски оркестар на гостувањето со Трпчески во Скопје.

- Моето искуство со Симон е многу добро бидејќи можам да кажам дека станува збор за огромен талент со многу добра техника и тоа во самата идеја за совршена техника и музикалност, пред се низ неговите совршени можности да ја изрази музиката. Дел е од голема школа со руско влијание и многу ми е мило што го слушнав Концертот на Чајковски во изведбата што Симон ни ја подари, истакнал Михаил Јуровски по концертот.

По двата концерта во распродадениот виенски Музикферајн, бравурозната серија завршува вечерва во австрискиот град Санкт Пелтен.

20.01.2014 - 09:32
Фото: 
zurnal

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега