Почна карневалот „Бамбурци“
Во малешевското село Ратево, утрово пред изгрејсонце почна карнелавот „Бамбурци“. Почетокот беше обележан со дефиле на повеќе маскирани групи во коњски, магарешки, говедски, овчји, козји и свински кожи.
Прославата на православниот верски празник Собор на Свети Јован Крстител меѓу мештаните попознат како Јованден, во Ратево има долговековна традиција.Учесниците на карневалот од Малешевијата, од Пијанец, Тиквешко, Струмичко, Прилепско, како и од соседните Србија и Бугарија, шетаат по селските улици и повикуваат „...Малечко и гулемо, старо и младо, машко и женско, се што е живо и здраво и окато и сакато, да излезне на мегдане, та да види чудо невидено... !“.
Повиците се придружени од клопатарци, клапки, свонци и прапорци и од цела сурија зурлаџии, тапанџии, гајдаџии и други свирџии.
По утринското дефиле карневалската поворка ќе пристигне на селскиот плоштад, каде се одржува смотра на групните и поединечните маски и фолклорна ревија. Специјална жири комисија ќе ги прогласи најдобрите и ќе им додели награди и признанија, а сите учесници во програмата ќе добијат благодарници.
- Од година во година карневалот „Бамбурци“ во нашето село станува се помасовен, а последниве две-три години со учеството на повеќе карневалски и фолклорни групи од соседните земји добива и меѓународен карактер, вели Атанас Валмарски, претседател на организациониот одбор.
Тој од името на жителите на Ратево изразува благодарност до ЈКП „Услуга“, градоначалникот на Берово и до сите фирми и поединци од Општината кои материјално и финансиски го помогнаа организирањето и одржувањето на „Бамбурци“.
Традиционалното малешевско гостопримство е главна карактеристика и на оваа манифестација. За сите гости и учесници се приредува заедничка празнична трпеза, која прераснува во општонародна веселба и завршува со песни и ора дури до доцните вечерни часови. Во текот на целиот ден, не само во Ратево, туку и во Пехчево и Берово и во сите малешевски села, се одвива вековниот обичај - именденска визита (физа). Роднини, пријатели, соседи ги посетуваат домовите на оние што го носат името Јован -Јованка, Ванчо-Вања и деминутивните и галовни форми Ване, Ванче, Јове, Јовка... им го честитаат празникот со зборовите „ Среќна слава и вечно нека е името !„. Домаќините -славеници ги почестуваат дојдените гости и намерници со малешевска домашна ракија со сирење и со други домашни специјалитети.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа