ФОТО+ВИДЕО: И Македонците во Албанија правеа “фешти“ за Водици
Православниот празник Водици беше прославен насекаде низ Албанија каде што живеат православните Македонци, Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник и во поголемите градови низ Албанија, пишува Македониум.
Селата во Мала Преспа и оваа година го фрлаа крстот во Преспанското Езеро. Верниците не ги исплаши студеното време и скокнаа во водите на езерото за да го извадат крстот.
Според Македониум, на церемонијата на фрлањето на крстот во Пустец присуствувал и македонскиот амбасадор во Тирана, Стојан Карајанов.
Македонците наутро се собираат во селските цркви, и после литургијата со крстот украсен со босилок се упатуваат кон реките во Голо Брдо или во Преспанското езеро во Мала Преспа каде се фрла крстот.
Оној кој ќе го фати крстот, во придружба на група ги посетува семејствата во Мала Преспа, кои му даваат пари. Крстот потоа се враќа во селската црквата, каде останува до следната година.
Водици во Мала Преспа се празнува на 19-ти јануари и 20-ти јануари, кога се оди на Рефене. Рефенто го сочинуваат поголема група составена од повеке семејства, односно кај кој е крстот кај него се оди на прослава. Оваа традиција во Македонија е позната како кумство. Во Мала Преспа секоја група има свој крст. Тој што го има крстот, кај него се оди фамилјарно на прослава или Рефене. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кумството. После крстот го превзема друга фамилија и кај таа фамилија се оди следната година на прослава, и така крстот кружи и од големината на групата можи за неколку години крстот да се врати во една куќа.
-На 19 јануари, рано наутро на знакот од камбаната сите крстови се носат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што и припаѓа на таа група. Секој крст се врзува со босилок, каде попот ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин, оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии, пишува Македониум.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа